Децата се враќаат на настава, штрајкот во мирување

од Берта Китинска
223 прегледи

Децата од денеска се враќаат на настава по речиси три неделен штрајк.

Поголема група синдикалци се собраа пред седиштето на СОНК, незадоволни од објавената одлука на Советот на синдикатот за ставање на штрајкот во училиштата во мирување.

Одлуката на СОНК беше донесена откако до нив стигнало известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот.

-Ние сме легалисти и ги почитуваме законите. Од таа причина додека трае периодот на помирување и решавање на спорот меѓу двата табори, штрајкот ќе се стави во мирување. Извршивме детална консулатација со повеќе правници, адвокати, судии и ќе мораме да го постапиме согласно законот. Од денеска се додека не се реши спорот. Сме убедени дека во наредните период ќе ги најдеме соодветните заеднички решенија и дека нема да има потреба да го активираме штрајкот. Доколку не се усогласиме со МОН, верувајте и сакам да уверам дека штрајкот повторно ќе биде активиран. Се надевам до тоа нема да дојде и дека со владините институции ќе изнајдеме решение, кажа претседателот на СОНК, Јаким Неделков пред новинарите.
Претходно од СОНК, беше најавен протест за 4. мај и се уште не се знае дали истиот ќе се одржи.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири, во емисијата „Вин-вин“ на Телма рече дека во разговорите со СОНК биле блиску до решение, но СОНК во последен момент ја променил својата одлука.

-Ние бевме блиску до решение. На последниот состанок со претставничката на Европската конфедерација на образовни синдикати, се договоривме, па потоа СОНК ја промени својата одлука. Во оваа ситуација очекував во добар разговор помеѓу двете страни, и тоа го кажувам јавно дека тој разговор ние ќе треба да го продолжиме понатаму, како социјални партнери во разговорот не треба да застануваме тука. Ова е еден дел и една дискусија која за многу брзо време се случија многу работи, рече Шаќири.

Слични содржини