„Одлуката за одложување на пописот не се прави со прес-конференција, туку во Собрание. Сепак, јас сум против одложување на пописот. Ние сме имале и избори сред пандемија. Пописот е индивидуален акт, попишувачот оди кај семејството и согласно протоколите прави регистрација, односно попис“, изјави вечерва претседателот на Собранието, Талат Џафери во емисијата „Клик плус“.
Според него, во овој момент треба се да биде паметно и разумно.
„Ако Заев и Мицкоски се договориле за одложување, тоа треба да се претвори во Предлог-закон и потоа има парламентарни процедури“, рече Џафери.
Лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев и лидерот на опозиционата ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска во Клубот на пратеници, се договориле пописот на населението од април да се одложи за септември. Дотогаш ќе си тече евидентирањето на нашите иселеници низ светот.
Заев прецизираше дека пописот ќе се одржи во периодот од петти до 30 септември и дека се одлага и терминот за локални избори, па од првата, се преместува за втората половина на октомври годинава.