Џафери: И власта и опозицијата учествуваа конструктивно во работата на Собранието, тоа го регистрираше и ЕК

од Aleksandar Todeski

Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, во интервју за спрскиот весник „Политика“ вели дека е свесен дека имало скептицизам и страв кај граѓаните, но дека докажал оти Албанец на важна позиција не е бауч.

„За време на мојот мандат никогаш не бев воден од политичките интереси на мојата партија. Јас бев претседател на сите народни претставници и комуницирав директно со секој од нив, пред или зад окото на камерата. Со оглед на контекстот во кој бев избран на оваа позиција, по многу тешка криза и биполаризација на нашата земја, а доаѓајќи од албанска политичка партија, мене можеби ми беше полесно за нијанса да соработувам со сите директно“, рече Џафери.

Според собранискиот спикер, резултатот на тоа е нивото на конструктивен дијалог и култура на дебатата, кои според него се искачени на високо ниво – сите, и власта и опозицијата, учествувале конструктивно во работата на Собранието, што е регистрирано во извештајот на Европската комисија за напредок за земјата. Тој оцени дека тоа дејствувало позитивно и врз релаксирањето на односите меѓу двете најголеми етнички заедници во земјатa.

На прашањето на „Политика“ дали по парламентарните избори, Албанец мора да биде на раководна функција во Собранието или во извршната власт, Џафери одговори дека „изминативе три и пол години се доказ дека тоа не е нелогично“ и дека тоа е „разумно решение што говори за демократската зрелост на земјата и на демократските институции, имајќи го предвид составот на нашето општество и целта сите граѓани да се еднакви пред уставот и законите“.

Џафери во интервјуто оцени и дека споровите можат да се решат само кога за нив се дискутира директно и без ракавици, истакнувајќи ја „конструктивноста на сите страни“ во Собранието во донесувањето важни одлуки и упати совет до лидерите во регионот да користат механизам на отворен дијалог, дури и без посредници“.

„Ние, како земја, својот пат кон напредокот го креираме преку отворен дијалог затоа што таа лекција ја извлековме од долгогодишниот спор со Грција. Добрососедските односи се најсилниот аргумент и придонес што можеме да го дадеме за развој на регионот и напредокот со поддршката од европската заедница“, изјави Џафери.

Како што објасни Џафери за „Политика“, предвремените парламентарни избори, што треба да се одржат на 12 април, беа распишани откако лидерите на политичките партии, поради недоделувањето датум за почеток на преговорите со Северна Македонија, на состанокот кај претседателот, решија да го вратат мандатот и повторно да побараат легитимитет од народот за патот што нивната земја треба да го следи по изборите.

Слични содржини