Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денес имаше средба со претставниците на Европскиот муслимански форум предводени од претседателот на овој Форум. Абдул-Вакхед Нијазов.
Посакувајќи им добредојде на гостите, Џафери упати поддршка за нивната досегашна активност и работа која е во насока на тоа да ја претстави во Европа и светот вистинската слика за исламот како религија, и исламската свест во целина.
Тој се осврна на значењето и придобивките што ги има нашата земја со тоа што е мултиетничко општество и која претставува пример за соживот во регионот.
„Самиот факт што јас како припадник на албанската заедница сум веќе петта година или втор мандат Претседател на Собранието и втор човек по функција во државата, говори доволно за нашите предности како мултиетничко општество“, нагласи Претседателот Џафери.
Во продолжение, тој ја нагласи и нашата заедничка стратешка определба за споделување на европските вредности во целост, а тоа го потврдуваме и со самиот факт што веќе сме земја членка на НАТО и земја која се очекува да ги започне преговорите со ЕУ.
Претседателот на Европскиот муслимански форум, Абдул Вакхед Нијазов, упати благодарност до Џафери за можноста за оваа средба и истакна дека му е чест да престојува во Република Северна Македонија, земја која е светол пример во регионот кога се во прашање почитувањето на религиските различности и права, мирот и соживотот.