Победниците на парламентарните избори во Бугарија, партијата „Продолжуваат промените“, вршат предавство на својата земја, рече бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, по изјавата на лидерот на партијата со најмногу гласови на изборите, Кирил Петков за потребата да се бара нов пристап за решавањето на спорот со Македонија.
Изјавата предизвика oгорченост кај бугарскиот европратеник. Според него, лидерот на партијата „Продолжуваат промени“ не ги ни споменува националните идеи, а плановите за Скопје се состојат само во „сè да се завитка во убаво пакување, кое нема врска со реалноста“.
„Очигледно е дека најважното прашање за тие луѓе е воздушниот сообраќај меѓу Скопје и Софија. Нема збор за цврста заштита на бугарските национални интереси, ниту предлог за сурово присвојување на историјата и секојдневно кршење на човековите права“, напиша поранешниот заменик претседател на партијата ВМРО-БНД на својата Фејсбук страница.
Неодамна, Кирил Петков и копретседателот на партијата Асен Василев, за македонските медиуми ги кажаа нивните планови за натамошната политика на Бугарија кон Македонија. Двајцата лидери изјавија дека е неопходно да се развијат сообраќајните врски, како и економските и трговските односи меѓу двете земји. Кирил Петков во таа прилика истакна дека неговиот колега и тој сакаат нов пристап во решавањето на проблемот со Скопје.