Џамбаски за „Локално“: Петков ќе направи компромис во спорот со Македонија и ќе се повлече

од Nikola Popovski
799 прегледи

Таканаречениот „поздрав“ е лажна вест која лесно може да се побие со видеото од ситуацијата во собраниската сала на Европскиот парламент. Во таа смисла, не треба да има никакви последици, ниту санкции, вели бугарскиот европратеник и еден од новите копретседавачи на партијата ВМРО-БНД Ангел Џамбаски, во разговор за „Локално“, коментирајќи ја ситуацијата со неговиот поздрав во ЕП во Стразбур, на дебатата по одлуката на Европскиот суд на правдата да ги отфрли жалбите на Унгарија и Полска кон правото на ЕУ да им ги скрати средствата на земјите-членки коишто ги кршат владеењето на правото и демократските стандарди.

Според него, „непостоечкиот поздрав можеби им даде надеж на скопските југоносталгичари, но вистината е на наша страна и ниедна таква смешна лажна вест нема да ја промени“.

-Патем, измислениот скандал ми дава можност да се потсетам што направила ВМРО, а особено Бугарија, за да ги спаси бугарските Евреи.

На пример – судбината на Рафаел Моше Камхи или познат како војводата Скендербег. За време на Втората светска војна, по окупацијата на Грција, Камхи учествувал во формирањето на Бугарскиот клуб во Солун. Во 1943 година, Рафаел Камхи со семејството бил уапсен од германските окупациски сили во градот, од каде требало да биде испратен во концентрационен логор во Централна Европа. Со помош на бугарски организации како Македонскиот научен институт, Илинденската организација и со лично застапништво на претседателот на Сојузот на македонските културни, просветни и добротворни братства „генерал Коста Николов“ и бугарската влада, вклучително и со лична асистенција на Богдан Филов, тој е ослободен. Нагласувам дека Рафаел Моше Камхи го основал Бугарскиот клуб во Солун, а не некој друг.

Или Владимир Куртев, член на ЦК на ВМОРО заедно со Иван Михаилов, кои го поставија почетокот на акцијата за спас на бугарските Евреи. Сето тоа е дело на бугарската организација ВМРО, додава Џамбаски.

На прашањето дали С.Македонија сега има аргумент плус сега во спорот со Бугарија, откако неговата партија ВМРО-БНД веќе не е дел од владата и не одлучува, европратеникот вели дека „дефинитивно не е така“.

-С. Македонија ќе има аргумент кога ќе се откаже од антибугарската идеологија на македонизмот. Кога ќе почне да се почитува Договорот за добрососедство меѓу двете земји, тогаш воопшто нема да има аргументи за отворање на преговарачкиот процес, појаснува Џамбаски.

За пристапот на Петков кон Македонија, европратеникот смета дека бугарскиот премиер „очигледно е испратен да направи компромис за ова прашање и да се повлече“.

– Се обидуваше да ги замачка очите со разни ПР средби, беа потпишани фиктивни меморандуми кои веќе се потпишани меѓу двете земји, а резултатот е никаков, дури и негативен. Наместо напредок, Пендаровски го прекрши Договорот за соседство со средбата со сепаратистичкото ОМО Илинден. Ова е доволна оценка за таканаречениот „нов пристап“ на Кирил Петков, оценува Џамбаски.

Тој заклучува дека Македонија и Бугарија се братски земји со заедничка историја, култура и јазик.

-Не се бориме за да се смириме. Едноставно дојде време политичарите и јавните личности крај Вардар да ја свртат топката, да го прекинат јазикот на омразата, историските фалсификати и секогаш да ја прифаќаат подадената рака на Бугарија и бугарското општество. Ние сме еден народ во две земји и имаме заедничка иднина, вели Џамбаски во разговорот.

Н.П.

Слични содржини