Аргентинецот Франко Џиролами, зад воланот на „Хонда Сивик“ подготвена од ПСС Рејсинг, имаше одличен старт постигнувајќи го најбрзото време на слободните тренинзи 2:13.356, кое беше четири десетинки подобро од она на најблискиот конкуренти Лангевелд и Тафук, обајцата со „Хјундаи Елантра“.
– Многу сум среќен со овој резултат за тимот, за ЈАС Моторспорт, за сите во семејството. Одличен резултат за нас, извозениот круг беше идеален и едвај чекам да дојде време за трката. Ставивме нови гуми за последниот круг и направивме промени во штелувањето и среќен сум бидејќи сето тоа работеше одлично. Се разбира, не знаеме што направиле другите и со кои гуми возеле, но тоа ќе се покаже во квалификациите. Сепак, ова се само тренинзи,- вели Франко Џиролами.
Македонскиот пилот Виктор Давидовски минатата година не доби дозвола за влез во Франција, поради што тогаш со неговиот автомобил возеше Нестор Џиролами, кој настапува во светското првенство, па направи сензација освојувајќи го второто место. Недостатокот на тренинзи преку зимата, како и искуство на оваа патека, придонесоа за послабо време и 13. место на тренинзите.
– Во првата сесија Франко беше петти, а јас на 11 место, но разликата во нашите времиња беше околу половина секунда. Во втората сесија обајцата напредувавме, но тој извозе перфектен круг, додека јас имав една грешка во првиот сектор што го компромитираше моето најдобро време. Доколку сме повторно блиску со времињата, тоа може да значи добар пласман за двајцата меѓу првите, а потоа и соработка во трката. Се надевам дека повторно ќе бидеме најбрзите возачи на Хонда и овој викенд и секако, повторно барем еден од нас да се најде на подиумот,- изјави Виктор Давидовски.
Трките од првенството ТЦР Европа ќе се емитуваат на „Телевизија 24“. Првата трка в сабота ќе се емитува од 19 часот, додека в недела директниот пренос започнува во 12.40 часот.
Фото: https://europe.tcr-series.com/