Џонсон: Десетици милиони граѓани ќе бидат вакцинирани

од Nikola Popovski
165 прегледи

Премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, соопшти дека училиштата се безбедни места за децата.

Тој додаде дека се надева дека „десетици милиони граѓани ќе бидат вакцинирани“ во следните три месеци.

Бројот на заболени од коронавирус во Велика Британија руши рекорди од ден во ден, поради мутираниот вид на коронавирус, кој ја принуди владата да го одложи отворањето на училиштата во Лондон и околината, со повици од наставници кои бараат подолго затворање, објави Ројтерс.

Кога станува збор за образованието, при што милиони деца треба да се вратат од новогодишните празници во понеделник, Џонсон повтори дека училиштата се безбедни и ги советуваше родителите да ги испраќаат своите деца на училиште, во областите каде што тоа го дозволуваат ограничувачките мерки.

„Нема сомнение дека училиштата се безбедни и дека образованието е приоритет“, рече тој за Би-Би-Си.

Тој изрази загриженост дека сегашниот рестриктивен систем не може да го држи вирусот под контрола и дека „за жал, можни се построги ограничувачки мерки“.

„Очигледно, има низа посилни ограничувачки мерки за кои треба да размислиме. Сега нема да шпекулирам за тоа како би изгледале“, рече британскиот премиер.

Џонсон одреди мерки за Англија, а Шкотска, Северна Ирска и Велс се под јурисдикција на локалните власти.

Велика Британија во саботата забележа рекорден број од 57.725 ковид-случаи, со над 74.000 мртви од почетокот на пандемијата, па затоа политиката на владата беше сериозно критикувана.

Вакцинацијата ќе се забрза во понеделник со првите 530.000 дози од домашната вакцина „Ковидшилд“.

Компанијата е подготвена за дистрибуција, а Џонсон се надева дека „десетици милиони вакцини ќе им бидат дадени на граѓаните во следните три месеци“.

Слични содржини