Дичев: Македонците нè замразија поискрено од кога било, но се појавува надеж

од Nikola Popovski
249 прегледи

„Нашата балканска политика е очигледно катастрофална. За три дена, Каракачанов го постигна она што му требаше на Тито триесет години – нашите соседи нè замразија поискрено од било кога, а европскиот притисок се засили, така што на крајот Скопје ќе влезе во ЕУ против наша волја, а ние пак ќе останеме навредени и осамени“, пишува бугарскиот историчар и професор Ивајло Дичев во колумна за ДВ на бугарски јазик.

Дичев вели дека Бугарија сосема погрешно влегла во целата ситуација со заедничката историска комисија и дека тоа што го изнесуваат бугарските научници нема голема важност за сегашноста.

„Патот по кој тргнавме со оваа несреќна историска комисија е очигледно погрешен. Нашиот проблем со Македонците не се историските факти, туку идентитетите изградени во текот на 20 век. Моја почит кон научниците кои изнесуваат архивски документи и сведоштва, но овие работи се важни за нивната наука, не за сегашноста“, наведува професорот.

Тој посочува дека „кражба на историјата“ е смешен израз.

„Историјата се случила и сегашната политичка волја на еден или на друг владетел не може да ја смени, како што впрочем мислеа за време на комунизмот, и тука и таму, кога Централниот комитет одлучуваше за историските факти. Оној што не ја знае историја не е крадец, туку неук. А идентификацијата е нешто сосема друго – си избираме обрасци од историски, литературни, религиозни ликови – не ни ги наметнуваат експерти“, потенцира Дичев.

Историчарот смета дека живата модерна култура е патот кон зближување со соседите – зближување на идентитетите, а не на фактите, што го наведуваат некои експерти.

„Ова е местото каде што телевизијата може да има водечка улога. Денес, серијата стана главен жанр, а резултатот е дека гледачот со денови живее буквално во кожата на некои ликови, префрлен во нивниот свет. Сакале или не, серијата прави важна интеркултурна работа, потопувајќи се во друг свет подлабоко од филмовите претходно. Земете ја нашата „Прикриено“ – македонскиот гледач е пренесен во посткомунистичка гангстерска реалност, ем позната ем бугарска. И обратно, македонската ТВ-серија „Преспав“, која се потсмева на балканските шашми во едно семејство, ќе ни биде смешна токму затоа што се случуваат работи што се болно познати, иако во малку поинаква средина. Белгискиот балканист, проф. Рејмонд Детрез исто така вели: ваквите продукции ќе ни овозможат да ја надминеме фиксацијата на минатото, да ја видиме сегашноста на соседите, кои националните идеологии нè научија да ги потценуваме“, пишува Дичев во колумната.

 

Слични содржини