Откако на лидерската средба било договорено одложување на пописот за 5-ти септември, двајцата претседатели на најголемите политички партии во земјава соопштија дека апликацијата за попишување на македонските државјани во странство, ќе остане активна до 30-ти септември.
„Ја користам приликата, како за граѓаните дома, така и за нашите граѓани кои што живеат во странство, да ја искористат цела оваа прилика, на сите овие месеци, посебно до дијаспората, до 30 септември да се попишат масовно, но уште еднаш да ја испратам пораката за граѓаните дома, ова е многу важна статистичка операција“, изјави премиерот Зоран Заев.
По завршувањето на средбата, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски посочи дека е постигнат договор и за измени на Изборниот законик, така што уште утре во Собранието ќе почне постапката во врска со набавката на скенерите за отпечатоци од прст. Како што рече Мицкоски, биле отворени и прашањата за избор на градоначалник во еден круг, како и за гласање на дијаспората на парламентарни и на претседателски избори надвор од ДКП.
Околу работата во Парламентот, двајцата се согласиле ВМРО-ДПМНЕ да работи заедно со мнозинството на сите закони кои се однесуваат на интеграцијата на Македонија во ЕУ и сите закони што се однесуваат околу поддршката на економијата за пандемијата и другите од тој пакет.