Државната изборна комисија денеска ги одби сите 57 приговори, поднесени за првиот круг од локалните избори. Триесет и седум од нив се однесуваат на постапката за утврдување и сумирање резултати од гласањето, а 20 приговори беа за самата постапка за гласање.
-Завршивме со разгледувањето на поднесените приговори. Со тоа констатирам дека и за точката број 7 за постапувањето по приговорите за сумирање и утврдување на резултати ДИК постапи во законскиот рок и на јавна седница ги образложи сите приговори, вкупно беа 37 приговори за резултатите од гласањето и претходно по претходната точка 6, 20 приговори за постапката за гласање. Вкупно 57 приговори, во некои од нив беа опфатени повеќе избирачки места. Сите приговори денеска се одбиени како неосновани, односно дел се повелечени, а дел се отфрлени како недозволени, изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко во рамки на 149. седница на Комисијата.
Кондарко појасни дека решенијата за одлуките на ДИК во однос на приговорите ќе бидат изготвени во законски предвидениот рок и по приемот подносителите имаат право на второстепена правна заштита, на тужба пред Управниот суд.
-Откако ќе одлучи Судот, ние за сите овие општини каде што имаше приговори на јавна седница во наредните неколку дена, зависно од постапувањето на Управниот суд, ќе излеземе со објавување на конечни резултати во оние општини за кои имаше приговори, рече Кондарко.