Државната изборна комисија (ДИК) по добивањето на одлуките за тужбите од Управниот суд, вечерва одржа седница на која ги потврди конечните резултати за првиот круг од локалните избори за општините за кои имаше приговори и тужби од партиите.

Прегласување на гласањето на првиот круг нема да има во ниту една општина, а вториот круг од локалните избори на 29 октомври, според ДИК, ќе се спроведува во 35 општини каде на 1.517 избирачки места ќе се гласа за градоначалник.
Од скопските општини втор круг за избор на градоначалник ќе има во Гази Баба, Кисела Вода, Бутел, Шуто Оризари, Чаир и Сарај.
Во одлуката на судечкиот совет на Управниот суд пишува дека „резултатите од гласањето по листите на кандидати за избор на членови на Советот на Град Скопје, за гласачкото место 2461 – општина Сарај, се потврдуваат“.