ДИК го објави регистарот за политичко рекламирање на портали: „Партиски“ медиуми, домени кои не се отвораат, без импресум и регистрирани компании, пријавени со по три екстензии…

Од објавениот список може да се заклучи дека проблемите кои се провлекуваа изминативе изборни циклуси не се решени

од Vladimir Zorba
36 прегледи Фото: Принтскрин/ДИК

Државната изборна комисија (ДИК) денеска го објави Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми интернет портали за изборите за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на градот Скопје. Во регистарот има вкупно 245 електронски медиуми.

Од објавениот список може да се заклучи дека проблемите кои се провлекуваа изминативе изборни циклуси не се решени. Повторно може да се забележат портали без импресуми, без регистрирани компании, се пријавуваат портали со три различни екстензии (www.faktiditor.info; www.faktiditor.mk; www.faktiditor.net), портали со сомнително потекло и кои веќе биле под истрага, но и портали кои воопшто не можат да се отворат, а се впишани во регистарот.

Постојат и портали како www.ohridnews.com, кој е регистриран и со .mk екстензија но и во двата случаи водат до иста страна.

Од друга страна, постојат и портали како www.mkd.mkd кои кога ќе ги отворите водат до пребарувачот Google, на кој можете да видите резултати од познатиот портал mkd.mk. Од друга страна, самиот сајт е веќе регистриран со својот оригинален домен.

Интересен е и случајот со www.shtegu.com, кој има албански вести, но во делот каде што треба да пишува кој го издава и кој работи таму, стои објаснување на германски јазик, а бројот за контакт кој е оставен почнува со екстензија +041, односно во Швајцарија.

Според информациите на МарНЕТ, www.alopress.mk е отворен на 27.06.2025 година, што остава сомнежи дека е отворен непосредно пред изборите.

Од оние портали кои не можат да се отворат се www.nopress.mk, www.sigmak.mk, www.makedonskiporatal.com, www.kanall2.mk…но имаат можност да земат, според Закон, 15.000 евра максимум по портал.

Интересен е и случајот со www.indigo.mk, кој исто така не може да се отвори, но е поврзан со извесен Ненад Фидановски, кој во минатото зел над 30.000 евра за кампањи од ВМРО ДПМНЕ. Тој ден денеска е непознат за пошироката јавност, не произведува оригинална содржина, односно нема вистинска редакција и новинари.

Поткастот cuckat.dalee.mk исто така се пријавил за платено политичко рекламирање, иако освен видеа, не продуцира новинарска содржина.

Под број 168 и 169 на листата се наоѓаат порталите www.portalx.mk, www.portalx.lnk/mk од кои едниот не го отвора, додека другиот води на Google, а во резултатите се наоѓа https://portalix.mk/mk/, односно порталот кој се поврзува со новинарот Фуркан Алиу.

Може да се забележи и присуство на маркетинг агенција, eoneden.com, која е само на англиски јазик, и, исто така, не продуцира новинарска содржина.

Ова се само дел од нерегуларностите во регистарот на ДИК, за кој може да се поднесе жалба во рок од 24 часа.

Собранието во април усвои измени на Законот за медиуми

Собранието во април годинава ги усвои измените и дополнувањата на Законот за медиуми. Новините се однесуваа првенствено на регулирање на интернет-порталите, кои за првпат се вклучуија како официјални медиуми со обврска да се регистрираат во посебен Регистар што ќе го води Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Првично предложеното законско решение предвидуваше интернет-порталите да имаат најмалку тројца вработени со полно работно време, но по реакциите од медиумската заедница, посебно од локалните и помали портали, тој број е намален на два. За медиумите со „мал или специјализиран опфат“, доволно ќе биде да имаат едно лице вработено полно работно време и едно лице ангажирано со договор на дело.

Законот прецизира дека порталите кои сакаат да се идентификуваат како медиуми ќе мора да бидат впишани во електронскиот Регистар на издавачи на онлајн медиуми, кој ќе содржи податоци за фирмата, седиштето, одговорното лице, интернет-адресата и доменот на порталот.

И покрај тоа што измените беа прифатени со широк консензус, дебатата меѓу предлагачот – Министерството за дигитална трансформација – и медиумските здруженија откри различни ставови. Главната забелешка беше токму бројот на потребни вработени, што за некои портали претставуваше нереална финансиска обврска.

В.З.