Државната изборна комисија (ДИК) денеска го усвои Предлог-упатството за начинот и постапката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниска цена за платено политичко рекламирање.
Потпретседателката на ДИК Дитмире Шеху соопшти дека ДИК е должна да ја објави не нејзината веб-страница просечната цена – постигната цена и најниска цена за платено политичко рекламирање од страна на радиодифузерите, печатените медиуми и електронски медиуми во последните пет изборни циклуси, најдоцна до денот на распишување на изборите.
– При утврдување на просечната цена на платено политичко рекламирање од страна на телевизиите во Република Северна Македонија, ДИК ќе ги зема предвид последните пет изборни циклуси и тоа – предвремени локални избори за градоначалник во општините Штип и Пласница 2020 година, предвремените избори за пратеници во Собранието 2020 година, претседателски и предвремени локални избори за градоначалник во општините Охрид, Ново Село и Дебар 2019 година, локални избори 2017 и предвремени парламентарни избори 2016 година.Пресметката на просечната цена ДИК ќе ја направи на начин што ќе ја утврди просечната цена за една секунда платено политичко рекламирање на секои од телевизиите поединечно за секој од изборните циклуси, образложи Шеху.
Таа нагласи дека врз основа на член 76 став 5 од Изборниот законик законски предвидената сума која може да се исплати на еден електронски медиум или интернет портал од еден учесник во изборниот процес не може да биде поголема од 15 илјади евра во денарска противвредност без вклучен ДДВ.
– Согласно доставените ценовници во последните пет изборни циклуси ДИК ќе утврди најниска цена за платено политичко рекламирање. Исто така, ДИК просечната цена и најниската цена ќе ја утврди со посебна одлука која ќе биде донесена врз основа на ова упатство, рече Шеху.
Таа нагласи дека радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми кои во рок од пет дена од распишување на избориве нема да достават ценовници до ДИК, иако претходно се регистрирани во Комисијата, немаат право на платено политичко рекламирање.
Членовите на ДИК ја усвоија и Предлог-одлуката за утврдување на просечно постигнатата цена и најниска цена за платено политичко рекламирање во последните пет циклуси.
Членот на Комисијата Радица Ристеска соопшти дека согласно законот ДИК ја објавува просечно постигнатата цена и најниска цена за платено политичко реламирање од страна на радиодифузерите, печатените медиуми и електронските медиуми – интернет портали во последните пет изборни циклуси.
Просечно постигнатата цена за платено политичко рекламирање на телевизиите во последните пет изборни циклуси изнесува 1,71 евро или 105,15 денари за една секунда рекламен простор. Најниска цена за платено политичко рекламирање на телевизиите во последните пет изборни циклуси инесува 0,2 евра или 12,30 денари за една секунда рекламен простор.
Просечно постигната цена за платено политичко рекламирање на радијата во последните пет изборни циклуси изнесува 0,69 евра или 42,43 денари за една секунда рекламен простор, а најниска цена за платено политичко рекламирање за радија во последните пет изборни циклуси е 0,03 евра или 1,84 денари за една секунда рекламен простор.
Просечно постигната цена за закуп на рекламен простор за платено политичко рекламирање од страна на печатените медиуми изнесува 331 евро или 20.353 денари за една внатрешна црно-бела страна, односно 438 евра или 26.933 денари за една внатрешна страна во боја. Најниска цена за закуп на рекламен простор за платено политичко рекламирање од печатените медиуми е 315 евра или 19.369 денари за една внатрешна црно-бела страна, односно 422 евра или 25.949 денари за дна внатрешна страна во боја.
Членот на ДИК Борис Кондарко рече дека по распишувањето на изборите, на веб-страницата на ДИК ќе биде објавено писмено известување кое се однесува до сите медиуми, како еден вид потсетување и појаснување за нивните права и обврски околу постапката за доставување ценовници и регистрација за учество во платено политичко рекламирање.