Државната изборна комисија, на денешната 12-та седница, наведе дека е одбиена жалбата за набавка на уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст, со што во наредниот период ќе се склучи договор со економскиот оператор за набавка на истите.
„Комисијата половина час пред седницата доби известување од Државната комисија за решавање по жалби за јавни набавки, дека жалбата поднесена во постапката за тендерската постапка за набавувањето на уредот за биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст е одбиена. Тоа значи дека конечно ДИК, како договорен орган има правосилна одлука, односно конечна одлука во постапката. Избран е економскиот оператор и во наредниот период ќе се пристапи кон склучување на договор за набавка на уредите“, беше соопштено на седницата.
Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, исто така порача дека со ова е исполнет и последниот услов за одржување на локалните избори и изрази надеж дека со овие апарати ќе се оствари правото „еден гласач-еден глас“.
„Подготвени сме за почеток на изборите. Ја чекаме одлуката на претседателот на Собранието, Талат Џафери, по донесувањето на одлука и добивањето од страна на Службен весник, веднаш ќе одржиме седница на која треба да го донесеме роковникот за спроведување на локалните избори“, рече Даштевски.
Беше наведено дека првата испорака треба да биде за околу 20 дена и тоа пет проценти од вкупниот број, од четири илјади.