Државната изборна комисија го објави последниот пресек со собраните потписи на кандидатите за претседател на државата. Заклучно со 26 февруари до 20 часот, прв кој успеа да ги собере 10-те илјади потписи е кандидатот на ДУИ и министер за надворешни работи, Бујар Османи. Вкупно 10528 граѓани дале поддршка за Османи.
После него следуваат кандидатот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски со 8400 потписи, а потоа е кандидатот на здружената албанска опозиција, Арбен Таравари со 7513 потписи.
Кандидатката на Левица, професорката Билјана Ванковска има поддршка од 6237 потписи, додека лидерот на ГРОМ, Стевче Јакимовски досега собрал 4718 потписи.
Рокот за собирање потписи за кандидати за претседател и за кандидати за пратеници ќе трае до 8 март, согласно роковниците на ДИК. Претседателските избори се закажани за 24 април, додека вториот круг од изборите е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.