Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница усвои ИКТ стратегија за периодот 2021-2023 година. Оваа стратегија, по минатогодишните проблеми со неможноста да се видат резултатите од парламентарните избори, според членот на ДИК Бобан Стојановски, ќе придонесе за јакнење на довербата на граѓаните во Комисијата, како и на учесниците во изборниот процес.
-Потребата од оваа стратегија произлезе од искуството од претходните избори со сајбер напади, како и од дадените препораки од набљудувачката мисија од ОБСЕ/ОДИХР за превремените избори за пратеници што се одржаа лани, изјави Стојановски.
Како што појасни тој, во самата Стратегија се дадени насоки како треба да се развива информацискиот систем во ДИК, како и за развој на придружните елементи како што се безбедноста, секторот за ИТ, организација на процесите, изработка на процедури и слично.
-Исто така оваа стратегија претставува добра појдновна основа и ги опфаќа голем дел од информатичката и мрежната структура на ДИК, врши анализа на истата, и посочува на се она што треба да биде превземено за да го унапредиме системот на ИТ во ДИК, како и да ги спречиме оние таканаречени сајбер напади на апликации и веб страната на ДИК кои се случија во минатото односно доколку се случат во иднина тие да бидат полесно и полесно да бидат превенирани бидејќи знаеме дека никоја институција како во Македонија, така и во светот не е имуна ниту пак целосно може да се заштити од ваквите сајбер напади, рече Стојановски.