Димитриеска Кочоска: Каматната стапка за британскиот заем ќе биде пониска од 7%

од Nikola Popovski
25 прегледи

Со Договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство е договорена рамка од 6 милијарди евра од кои земјата ќе влече средства согласно реализацијата на проектите, а каматата по која ќе се одобрат, а се уште е во фаза на преговарање, ќе биде на ниво како и кај договорите што ги имаме со другите меѓународни институции, информира денеска министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

„Кога се договараат одредени инвестиции, најпрвин треба да се утврди рамка, односно првиот момент е рамката којашто во случајов е 6 милијарди евра, што не значи дека целосно ќе биде искористена сега и веднаш. Треба нешто да се направи за да се повлечат средствата, односно задолжувањето почнува во оној момент кога ќе почне да се плаќа”, рече министерката за финансии и додаде дека неоправдано е да се повлечат средства и да стојат неискористени.

Таа додаде дека каматната стапка се уште се преговара и тоа треба да се потврди, но смета дека сигурно ќе биде пониска од оние 7% коишто државата ги плаќа за реализација на проектот на „Бехтел и Енка“, односно Коридорите 8 и 10д.

„Каматата ќе биде на она ниво што го добиваме и од другите меѓународни институции со кои соработуваме како Светска банка, Европска банка за обнова и развој, Европска инвестициска банка и слично“, истакна министерката.

Слични содржини