Димитриевски и Таравари ги собраа потписите, Ванковска се поблиску до целта

од Nikola Popovski
592 прегледи

Европскиот сојуз за промени синоќа објави дека Арбен Таравари, кој е лидер на Алијанса за Албанците и го предводи едното крило на партијата, ги собрал потребните 10 000 потписи потребни за кандидирање на претседателските избори.

Шефот на изборниот штаб Башким Бакиу им се заблагодари на граѓаните за поддршката што ја дале за нивниот кандидат Таравари.

По него и кумановскиот градоначалник и лидер на Движењето „ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски, објави дека успеал да ги собере потребните 10 илјади потписи и со тоа да си обезбеди место на претстојната трка за шеф на државата.

„Над 10.000 потписи за кандидат за претседател! Благодарам за поддршката. Продолжуваме заедно до конечна победа“, напиша Димитриевски на својот профил на „Фејсбук“.

Според последните податоци на ДИК, кандидатката на Левица, професорката Билјана Ванковска е се поблиску до целта и има собрано 6237 потписи. После неа следува градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, Стевче Јакимовски со 4718 потписи.

Постапката за собирање потписи, ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

Слични содржини