Градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски во денешното гостување во „Студио 10“ на телевизија 24 потенцираше дека на Македонија и е потребна целосна филтрација на најголем број од кадрите кои се платени од страна на граѓаните преку буџетот.
„Македонија го помина периодот на транзиција или стареење на демократијата. Македонија помина полнолетство и недозволиво е денеска ние да објаснуваме во јавноста што е тоа демократија. Кај нас демократијата во одредени моменти или се лажира, или е фалшлива, лажна од страна на тие што ја спроведуваат, бидејќи има голем број на злоупотреба на јавните и државните функции од страна на избраните личности, значи се контролира гласачот“, рече Димитриевски.
Во однос на граѓанската иницијатива, Димитриевски истакна дека целта е да се вратиме на крушевските и асномските корени, да се крене идеологијата во оваа држава, бидејќи политиката се транформираше во класичен бизнис интерес од којшто граѓаните се максимално разочарани.
„Немате политички субјект, движење како и да сакате да го наречете доколку немате идеологија, а всушност и државата почива на одредена идеологија. Тргнавме Куманово, Прилеп, потоа во Крушево, се проширивме во Тетово, сега планот е во Кочани, потоа уште во некој град во источна Македонија. Кога ќе дојдеме до бројка од некаде 20тина организации, невладини здруженија така ги нарекуваме во моментов низ Македонија ќе дојдеме и во Скопје и ќе ги поканиме скопјани да дадат поддршка на нешто што има за цел да ги промени работите на подобро во државата и се надевам ќе успееме во тоа“, посочи Димитриевски.
Димитриевски изјави дека не е ниту со едната политичка опција, ниту со другата.
„Нашата цел е да седнеме на заедничка маса со сите и да потпишеме некој стратешки документи, да ги обединиме првенствено Македонците, а потоа и граѓаните и да направиме разлика помеѓу политичарите кои имаат намера да работат во интерес на граѓаните, суштински како многумина од нив сакаат да кажат, да бидат народни слуги и помеѓу политичарите кои сакаат всушност да ја контролираат и државата и самите граѓани. Кога ќе бидат избрани на одредени функции првенствено сметаат дека народот е тука за да им служи на нив, а не обратно. Сакаме да го промениме тоа. Стана еден тренд во Македонија кога ќе станете против власта веднаш во истиот момент сте проруски определен или поддржувач на русите. Или пак од друга страна сите сакаат да бидат поддржувачи на американците. А, каде се поддржувачите на Македонија? Дали имаме такви? Ние сакаме да бидеме поддржувачи на Македонија, кои апсолутно даваат целосна поддршка на стратешките одлуки на државата за да биде полноправна членка во НАТО како што е и да биде еден ден полноправна членка на ЕУ. Време да ставиме крај на ваквиот начин на живеење, разочарувањето е големо. Ќе излеземе и ќе понудиме една опција којашто ќе даде верба кај граѓаните дека може да биде поразлично од она што беше досега“, истакна Димитриевски.