Максим е социјалдемократ во срце и душа и тој не е против партијата. Максим не може да биде против Максим, но сум против дворските и византиските игри и дуализмот, вели градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски за дневникот на ТВ Сител.
-Сведоци сме дека рејтинзите и анкетите во партијата не одлучија за мојата кандидатура. Се работи за внатрепартиска работа. СДСМ не може да функционира како акционерско друштво, смета Димитриевски, откако не беше поддржан од партијата да „трча“ по нов мандат во Куманово.
Тој наведе дека не му е целта да формира посебна, нова партија, туку ќе се обиде да ги консолидира граѓаните кои што му дале поддршка во изминатиот период, но и ја побара поддршката од сите граѓани на Куманово.
-Лично ми смета кога гледам дека се појавуваат партиски книшки и незадоволство од раководството. Сепак, партиската книшка не ја определува вашата идеологија, посочува Димитриевски и заклучува дека има двајца, тројца луѓе во раководството на партијата кои воведуваат режим и ја определуваат кадровската политика.