Претседателот на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија и актуелен градоначалник на Општина Куманово, Максим Димитриевски, гостуваше вечерва во централниот дневник на телевизија Сител, каде што се осврна на актуелните политички состојби, состојбата во СДСМ, прашањето за мигрантите и законот за правична застапеност.
Говорејќи за „новото раководство“ на СДСМ, Димитриевски истакна дека таму нема суштински промени и дека партијата продолжува да функционира како затворен круг на интереси.
„Ако во минатото беше 50-50 на релација Заев–Филипче, денес е 70-30 во акционерскиот удел, во корист на Заев. Не зборувам за членството на СДСМ, таму има прекрасни луѓе, но тие никогаш нема да добијат шанса бидејќи ова е акционерско друштво“ нагласи Димитриевски.
Тој додаде дека причината за тонењето на СДСМ е во тоа што партијата е заробена и без нови идеи.
„СДСМ функционира на принцип на должничко-доверителски односи, со истите луѓе во раководството, без нова визија и без суштински политики. Ова раководство не нуди решение, туку ја води во бездна сопствената партија“ истакна Димитриевски.
Тој додаде дека се повеќе разочарани членови на СДСМ се приклучуваат кон ЗНАМ, нагласувајќи дека движењето останува отворено за вистинските социјалдемократи.
Во однос на шпекулациите и обвинувањата од СДСМ за наводни договори за мигранти, Димитриевски беше дециден:
„Никогаш во владината коалиција не е отворено прашањето за отворање мигрантски кампови во Македонија. Во Македонија нема таков капацитет, ниту простор. Постојат само официјални транзитни центри за евиденција на мигранти кои транзитираат, и ништо повеќе. Нема место за мигранти во Македонија и точка!“
Осврнувајќи се на законот за правична застапеност, кој доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, Димитриевски истакна дека станува збор за уставна обврска и системско решение.
„Законот за правична застапеност произлегува од Уставот и Охридскиот рамковен договор. Тој ќе обезбеди нов механизам за вработување во јавната администрација кој ќе го почитува Уставот и законот, но ќе даде предност на квалитетот, а не на партиската припадност. Залагањето на ЗНАМ е департизација на јавната администрација.“ рече Димитриевски.
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, како што истакна претседателот, влегува во период на политичко созревање и раст, додека СДСМ, според него, продолжува по патот на политичко тонење со истите луѓе и истите погрешни политики.