Димитриевски: Споменикот на УЧК не обединува, ДУИ ја гледаме во светло од 2001

од Nikola Popovski
870 прегледи

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски смета дека ДУИ, „како партија која се декларираше како зелена партија со нови политики, денес ја гледаме во исто светло слично на 2001“.

-Таа партија се уште се води од Мала Речица и се додека е така одиме во погрешна насока. На господинот Ахмети можам да му порачам сѐ додека постои последниот Македонец и граѓани што ја сакаат оваа држава, без разлика на националноста и верата, Македонија ќе постои како што постоела отсекогаш. Според мене, направете јавна анкета и ќе видите за расположението и реакциите на граѓаните дали споменикот обединува. Споменикот не обединува. Во втор план дури беше ставен и најголемиот празник. Сепак тоа е партија која што нема да понуди и мора да оди со вакви проекти, вели градоначалникот во Дневникот на ТВ Сител, за денешното откривање на споменикот на УЧК во село Слупчане, кумановско.

Тој вели дека не е изненаден од реториката на ДУИ и како што вели, нивниот популизам.

-Господинот Ахмети да учеше по еден збор македонски јазик на годишно ниво, денес ќе знаеше барем дваестина реченици за да може да им се обрати и на неговите сограѓани Македонци. Јас не сум националист, иако ме обвинуваат дека сакам да изградам споменик и да испочитувам иницијатива на здруженија за паднатите бранители од 2001 и полицајците од Диво Насеље. Во здруженијата има од сите националности. Не сакам да предизвикам тензии. Споменикот може да биде реалност. Ние Македонците УЧК ја чувствуваме како окупациона сила. Тоа беше милитантна организација која се бореше против уставниот поредок, кажа Димитриевски за обвинувањата од ДУИ кон него.

Слични содржини