„Ова е срамота што им се прави на граѓаните на Македонија. Првенствено целиот тој процес требаше да биде завршен и финансиски покриен од страна на државата, да не се изложуваат граѓаните на дополнителен трошок бидејќи тие не се виновни за тој договор што се случи. Одговорноста е на власта, на политичката елита која што владее. Срамно е да ги гледаме вака граѓаните каде стојат во коли и се туркаат за да добијат личен документ, а уште поголем срам е нефункционалноста на министерството за внатрешни работи да ја спроведе целата постапка. Истата не е изнудена од вчера, таа беше планирана подолг временски период. Треба да им се каже на граѓаните “Да, имате рок толку време, дополнително се пролонгира рокот и сето тоа ќе биде бесплатно бидејќи вие не сте виновни за тоа што морате да ги промените сопствените документи“, вели лидерот на новиот политички субјект Движење ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски во вечерашното гостување во емисијата Клик Плус за хаосот на пунктовите за вадење нови лични документи коишто се приморани сами да ги плаќаат наместо државата.
Димитриевски дополнително посочува и дека Преспанскиот договор не се почитува и исполнува од грчка страна, за кои вели дека немаат имплементирано ништо од нивните обврски по однос на договорот, а граѓаните го гледаат тоа.
„Договорот има две страни и двете страни имаат обврски. Од другата страна немаме мрднато ни милиметар. Оваа година сите ја посетивме Грција и сеуште не постои табла ниту со република Северна Македонија, туку пишува едно знакче Скопје. И таму централната власт ја префрла топката на регионалната или локална власт во делот на Солун, а локалната власт пак ја префрла топката на централната власт. И затоа според мене овој договор можеби можел да се уреди со дополнителни договори и анекси да се допрецизираат некои работи“, додава тој, потенцирајќи дека актуелната власт ќе си замине, по што ќе дојдат нови посериозни луѓе кои ќе ја завршат работата и тоа на сметка на државата.
На прашањето дали може да се случи граѓаните да не можат да го остварат своето гласачко право доколку не ги промениле своите лични документи, Димитриевски вели дека не знае за сигурно, но секако не ја исклучува можноста за изборни злоупотреби како што било пример во сите изборни циклуси до сега.
„Имало злоупотреби на сите изборни циклуси и јас тоа го почувствував на локалните избори во Куманово многу директно и брутално со инволвирање на голем дел од државниот апарат во изборниот процес, вклучувајќи и злоупотреба на многу поединци коишто беа вработени претходно во МВР и други државни институции. Сепак, не верувам дека некој би се дрзнал да оди до толку далеку и да програмира или планира такви активности бидејќи сметам дека народот во тој момент ќе биде крајно разочаран и ќе се почувствува изневерен, злоупотребен и ќе реагира на такво нешто“, порачува Димитриевски.