Димитриевски во ДИК: Факт е дека сите кандидати немаат еднакви права и можности на претстојните избори

Притоа, тој истакна дека искрено посакува „во Македонија на претстојните претседателски и парламентарни избори да победи демократијата, а со тоа ќе победат и граѓаните.

од Бети Божиноска

Кандидатот за претседател на Македонија од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски денеска во ДИК го потпипша Кодексот за фер и демократски избори, за Претседателските избори 2024.

Посочувајќи дека прв пат потпишува еден ваков Кодекс на вака високо ниво и изразувајќи благодарност до ДИК, Димитриевски сепак предупреди дека однапред е свесен оти „ без разлика  што преземам целосна одговорност со моето потпишување да ја почитувам, нема да биде почитувана во целост.“

„Искрено жалам што многу хипокризија почувствував во одредени излагања,  особено во делот на став 4 и за истата да се елиминира Државната изборна комисија може и има таква надлежност да влезе во потписите коишто беа евидентирани за нас како поддршка, да направи анализа, суштинска, колкав  број на луѓе вработени во јавна и државна администрација се потпишале за нас како кандидати и со ова  сомнежот да биде отфрлен во целост,“ рече тој, истакнувајќи дека тука треба да се вклучат „ и потписите на почитуваната професорка Давкова.“

Димитриевски рече дека биле сведоци „во една демократска постапка како се организираат групи на луѓе со автобуси и се носат на  потпишување  за давање на поддршка.“

„Затоа и кажав форма, а не суштина,“ нагласи тој.

Што се однесува до јавните настапи, Димитриевски истакна дека како кандидат ќе ги прифати сите јавни настапи кадешто ќе биде поканет, без разлика кој и да ги организира.

Тој нагласи дека ќе му биде особена чест и задоволство „да диксутира на сите теми отворено пред македонската јавност со двата најфаворизирани противкандидати  во моментов, за коишто бевме сведоци во изминатите неколку месеци како ги  слушнавме различните анализи сондажи со коишто се креираше, а не анализираше јавното мнение во Македонија.“

„Факт е дека немаме сите еднакви права и можности  иако со Уставот тоа е загарантирано, бидејќи самиот начин за пристап до медиумите е ограничен согласно законот, којшто нас, како кандидати, во моментов не ограничува и не ни дава подеднакви можности,“ посочи Димитриевски.

Притоа, тој истакна дека искрено посакува „во Македонија на претстојните претседателски и парламентарни избори да победи демократијата, а со тоа ќе победат и граѓаните и верувајте ми како кандидат ќе го дадам својот максимум да состојбите во оваа држава се сменат во целост и никогаш повеќе да не бидат исти“.

Слични содржини