Димитриевски: Жалам за шверцерската одлука да ме исклучат од СДСМ

од Nikola Popovski
299 прегледи

Длабоко сум разочаран и искрено жалам за таквата, би рекол шверцерска, полноќна одлука на поединци на раководството на мое СДСМ. Дури ни таквата одлука не е легитимна, затоа што не е согласно статутот на СДСМ, стои во соопштението на градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој вчера бил исклучен од неговата матична партија.

Според него, одлуката за исклучување се носи на седница на Извршниот одбор, па потоа на седница на Централниот одбор на партијата.

-Моите информации велат дека такви седници не се одржала. Правно формално јас сè уште сум член на СДСМ. Небулозата дека сам себе сум се исклучил не би ја коментирал, изјави Димитриевски.

За него, тоа кажува за демократскиот капацитет во партијата и го потврдува неговиот став искажан неодамна, дека СДСМ е узурпирана од неколкумина кои со своите интриги и манипулации предизвикуваат огромна разочараност и штета кај членството,  симпатизерите и поддржувачите, и сакаат Куманово да го претворат во свој пашалак.

-Кумановци тоа нема да го дозволат. Јас по убедување сум социјалдемократ, со јасна и прецизна социјалдемократска идеја, мисла и визија. И никој, ама баш никој, тоа не може да ми го одземе. Куманово е револуционерен град и на 17 октомври кумановчани ќе го покажат својот непокор и пркос, упатувајќи силна порака кој на кого му свртел грб, вели Димитриевски.

Вчера генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски изјави дека Димитриевски сам се исклучил од партијата, со тоа што поднел независна кандидатура.

-Во бастионот на СДСМ, победничко Куманово, актуелниот градоначалник самиот отиде против себе, против СДСМ, против граѓаните, со што и самиот се исклучи од партијата“, рече Николовски.

СДСМ денес објави дека во Куманово ќе „трча“ со кандидатот Оливер Илиевски, кој е секретар на општинската организација на партијата.

Слични содржини