Димитријевиќ: СДСМ нема да биде соучесник вo националното предавство – мигранти за пари

„СДСМ, заедно со граѓаните, ќе ги искористи сите демократски механизми за да се спротивстави на ова национално и државно предавство“, порача генсекот на партијата, Димитријевиќ

од Nikola Popovski
18 прегледи

„СДСМ нема да биде соучесник во националното предавство – мигранти за пари“. Ова денеска го истакна генералниот секретар на СДСМ, Александар Саша Димитријевиќ во изјава спроти зградата на Собранието. Како знак на протест против, како што рече, понижувањето на Собранието и граѓаните, пратениците на СДСМ ја напуштија вчерашната седница. Според Димитријевиќ, ВМРО-ДПМНЕ намерно го блокира процесот за да не се дозволи ниту разговор, ниту гласање за предложената резолуција.

СДСМ тврди дека планот на власта е прво да се спроведат избори, а веднаш потоа да се прифатат мигранти во државата во замена за финансиски средства.

„Откако побегна премиерот, побегнаа и неговите министри. Затоа, во знак на протест против ваквото понижување на Собранието и на граѓаните, пратениците на СДСМ ја напуштија седницата. Резолуцијата на СДСМ не беше поднесена затоа што ДПМНЕ не дозволи ниту дебата, ниту разговор, ниту гласање“, потенцираше Димитријевиќ.

СДСМ, додава тој, заедно со граѓаните, „ќе ги искористи сите демократски механизми за да се спротивстави на ова национално и државно предавство“.

Вчера пратениците од СДСМ ја напуштија седницата за пратеничка прашања откако координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, упати критики до власта, посочувајќи дека е бесмислено пратениците од опозициите да поставуваат прашања кога во пленарната сала не се присутни одредени министри.