
Министерот за надворешни работи, Никола Димитров донел решение со кое се укинува тајноста на сите документи кои се однесуваат на службените патувања на шефот на дипломатијата и на сите вработени во МНР, соопшти денеска МНР.
Ова значи дека документите поврзани со службени патувања на вработените во Министерството за надворешни работи повторно стануваат информации од јавен карактер, односно медиумите и јавноста ќе имаат пристап до нив.
„Министерството за надворешни работи на Република Македонија ги информира медиумите и пошироката македонска јавност дека, во духот на транспарентноста и отчетноста пред сите граѓани, со решение на министерот за надворешни работи донесено на 12.06.2017 година се укинува претходното решение на заменик-министерот за надворешни работи од 14.02.2017 година за класификација на сите документи кои се однесуваат на службени патувања на министерот и сите вработени во Министерството, како и сите службени патувања на лица кои се во делегација или во придружба на истата“, стои во соопштението.
Од МНР велат дека решението на Димитров е „производ на посветената заложба на Министерството за целосна транспарентност пред граѓаните и пошироката македонска јавност и отчетност за работата на Министерството и начинот на трошење на парите на даночните обврзници, без притоа да ја загрози сензитивноста или безбедноста на својата работа“.