Димитров на работен појадок со резидентните амбасадори на земјите членки на ЕУ

од Nikola Popovski

Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска учествуваше на работен појадок со резидентните амбасадори на земји членки на ЕУ, организиран од страна на амбасадорката на Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ, во својство на земја претседавач со Совет на ЕУ.

Како што соопшти МНР, на состанокот, министерот Димитров првично изрази благодарност за заложбите и поддршката што Хрватска ја дава во поглед на европската перспектива на земјите од регионот за време на нивното претседавање, особено во претстојниов клучен период. Тој подетално ги брифираше амбасадорите за актуелните случувања на домашен план, пред сè поврзани со последните активности и резултати на реформски план и донесувањето на значајна легислатива во Собранието пред неговото распуштање на 16 февруари 2020.

Притоа, Димитров, се посочува, ја нагласи посветеноста и решеноста демонстрирана од страна на државата и покрај деликатноста на процесите и контекстот после октомврискиот ЕУ Самит да се продолжи по зацртаниот пат на европска интеграција.

Меѓу другото, на состанокот беа разменети мислења и за актуелните случувања во рамки на регионот и самата ЕУ, за ажурираната методологија за пристапни преговори предложена од страна на Европската комисија, како и за очекуваните вонредни мини извештаи на Европската комисија за последниот напредок на земјата.

– Од страна на министерот Димитров беше изразена надеж дека овој пат ќе бидат препознаени создадените поволни околности и состојки за заеднички успех на земјата и ЕУ, преку донесување  на заслужената одлука за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија, стои во соопштението.

Слични содржини