Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки, вели вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров објаснувајќи дека не се повлекол сам од функцијата и оти тоа што нема да биде дел од новата влада е резултат на неговите позиции во однос на прашањето со Бугарија.
Тој нагласи дека нечиј интерес и во земјата и надвор од неа е тој да не биде дел од владата, но и да не биде дома, поради што, како што истакна, добил понуда за амбасадорско место што го одбил.
-Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, рече Димитров.
Како што нагласи, во два наврати кога таа битка кулминирала за што јавноста не знае – еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, јасно кажал дека нема да дозволи поставените граници да се поминат по каква била цена, а најмалку по цена на неговата позиција во Владата, потенцирајќи дека со тоа дал до знаење дека со него внатре за некои работи едноставно нема разговор.
-Јас бев и целосно сум подготвен оваа битка да ја терам и понатаму без разлика на позицијата или функцијата. Во мојата кариера во оваа работа сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаа функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција ама немаат тежина, што вели нашиот народ „не им врви зборот“. Мојот збор ве уверувам дека врви и натаму ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции и мојата визија, рече вицепремиерот Димитров.