Димитров потврди дека Македонија не ја шпионирала Србија

од desk2
128 прегледи

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на прес-конференција пред медиумите посочи дека Македонија не презела никакви дејствија и мерки за да ја шпионира Србија.

„Владата на Македонија ниту имала намера, ниту пак дала наредба или инструкции за вршење разузнавачки дејства против и на штета на друга земја од соседството, вклучувајќи ја и Србија. Земјава не презела никакви дејства и мерки за да ја шпионира Србија. Луѓето од оваа Влада ги почувствуваа последиците од прислушувањето и добро знаат што значи тоа“, рече Димитров.

„Доколку постојат недоразбирања, треба да се решаваат со дијалог. Во неделата, кога ја добив нотата од Србија, му се јавив на (министерот за надворешни работи на Србија Ивица)Дачиќ, но не успеав да го добијам. Телефонски побарав разговор и вчера. Најверојатно, утре ќе разговараме со колегата Дачиќ“, рече Димитров.

Дополни дека Владата ги поздравува намерите на Белград за враќање на состојбите во вообичаените рамки.

Преку Амбасадата во Белград, Македонија побарала објаснување за настанот.

Бевме изненадени од дипломатската нота на Србија, но сè уште не сме оствариле официјална директна комуникација за да разговараме за ова прашање.

Тој порача дека граѓаните на Македонија и граѓаните на Србија во името на тоа што не поврзува, и заедничката европска иднина заслужуваме на вакви теми да не се разговара на ниво на шпекулации.

„Ќе биде лошо ако тоа се случи, пред да добиеме официјална информација од Србија“, рече Димитров.

Единствената офанзива на Македонија е во ширење контакти на Балканот, а во таа насока е и договорот за добрососедство со Бугарија, заедничка седница со Владата на Албанија и мојата посета на Грција, рече Димитров.

Тој ја отфрла можноста ова прашање да се решава со посредници, затоа што според него, на тој начин кога најчесто се носат заклучоци врз основа на шпекулации не води кон добро.

„Прво да почекаме да видиме за што се работи, а потоа ќе споделиме до македонската и светската јавност. Македонија нема вакви тајни од овој тип и бевме изненадени од ваквото повлекување на дипломатите од Македонија“, рече Димитров.