Министерот за надворешни работи Никола Димитров на 33 дена од стапувањето на функцијата на покана од собраниската Комисија за надворешна политика денеска реферираше пред нејзините членови за остварувањата во однос на надворешнополитичките цели и меѓународната положба на Република Македонија.

Димитров нагласи дека отвора ново поглавје во однос на надворешната политика на земјата и повика на соработка и консензус со опозицијата. Нагласи дека во оставрувањето на стретешките цели – членството во НАТО и ЕУ и градењето на добрососедските односи покрај актуелниот меѓународен контекст, додаде, Македонија мора да биде многу иницијативна и агилна за да создаде поддршка и да решава проблеми кои се долго време присутни. Тој при тоа се осврна и на посетата на Атина, прва негова посета како шеф на дипломатијата во насока на создавање поволна клима за решавање на спорот за името, кој стои на патот на евроатланстаката интеграција на земјата.
– На средбите во Атина не разговаравме за името, не разговаравме за предлози. Јас укажав дека кога едниот сосед го блокира другиот сосед за толку важни прашања, практично заклучена е вратата кон иднината, тоа не создава поволна клима за решавање на едно толку суштинско прашање, туку напротив нас не прави дефанзивни и уплашени. Грција има на располагање многу адути во оваа смисла користејќи го своето членство и во ЕУ и НАТО. Затоа апелирав Атина да размисли каков сосед сака да има и да инвестира во нашите билатерални односи дозволувајќи влез на РМ во НАТО под привремената референца. Таму немаше спремност за таква работа, но и ние нема да дигнеме раце од натамошно убедување, рече Димитров.
Во однос на договорот за добрососедство со Бугарија, Димитров истакна дека за него се преговара веќе пет години, а новата Влада која го презеде пред еден месец, има голема политичка волја и желба, откако ќе биде усогласен текстот, тој да биде потпишан на почетокот на август, годинава.
– Македонија мора да покаже капацитет дека може да решава отворени проблеми. Нерашавање или решавањето на овој договор влијае и во релациите со Грција и ние не можеме и не би требало, доколку има простор, согласно нашите државни интереси, ова прашање да го затвориме. Би било неодговорно тоа да не го направиме бидејќи се зајакнува впечатокот дека ние не сме способни да си ги решаваме проблемите со нашите соседи, рече Димитров. Во текот на дебатата пратениците од опозицијата апелираа на внимателност во надворешната политика и ја посочија важноста од консултации во Собранието. Нагласија дека ќе бидат коректив на власта, и оти се подготвени за соработка, но оти нема да дозволат да бидат покритие за евентуалните грешки на власта за кои укажуваат.
Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, ги поддржаа најавите за драстичните промени и пресвртница во водење на надворешната политка која ја најави министерот Димитров.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ и поранешен шеф на дипломатијата Никола Попоски истакна дека не држи тезата на Димитров со која замина во Атина дека по изборот на новата Влада, Грција ќе ја промени својата проценка и ќе дозволи влез во НАТО и почеток на преговори со ЕУ под привремената референца, со оглед, вели, на одговорот што го доби од грчките власти.
– Ме радува тоа што министерот по првата посета во Атина доаѓа и се приближува до онаа проценка која ја имавме претходно дека нашето членство во ЕУ води преку Атина… Од Атина се доби недвосмислен одговор, ист онаков каков што имавме и претходно – јасен, концизен, без никакви дилеми дека треба да направите суштински отстапки по ова прашање, вели Попоски.
Во однос на договорот за добрососедство со Бугарија пратеникот Илија Димовски од ВМРО- ДПМНЕ порача оти тој не смее да задира во идентитетските прашања и побара објаснување на изјавата на премиерот Заев по посетата на Софија, за тоа кој е тој ситен детал кој што останало, вели, да биде договорен на кафе меѓу министрите на двете земји за документот конечно да биде потпишан.
– Има многу граѓани кои преку нас сакаат да ве прашаат вас и Заев дали потпишувањето на тој договр ќе значи дека Илинденското востание е македонско, дали тоа ќе значи дека Илинденското востание е бугарско и дали тоа ќе значи дека Илинденсктоо востание е заедничко и македонско и бугарско, праша Димовски.
Тој побара заради суптилноста на тој договор и неговото значење посебна седница на Комисијата за надворешна политика со согласност на министерот, која ќе биде отворена или затворена за да го разгледаат нацрт-текстот на договорот за добрососедство пред тој да биде склучен. Пратеникот Томислав Тунтев од СДСМ изрази зачуденост од свикувањето на денешната седница на Комисијата за надворешна политика бидејќи се поминати само 33 дена од новата Владата, и е преседан во однос на универзалното правило во демократијата да се отстапат 100 дена пред да се дебатира за нејзината работа.
Наспроти загриженоста изразена од опозицијата, тој изрази поддршка за надворешната политика на новата Влада базирана на драстични промени и пресврти, кои се однесуваат и на кадровската политика во дипломатијата. На барањето за посебна седница на Комисијата за договорот за добрососедство со Бугарија, тој рече дека ќе одговорат откако ќе се координираат во партијата. На денешната седница пратениците се осврнаа и на случајот со именувањето на Александар Николоски за амбасадор на Македонија во Брисел за што постапката беше сопрена во Владата. Според министерот Димитров, во случајот не е во прашање капацитетот и личноста на Николоски, туку неговата политичка припадност и блискоста до највиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ.