Димитров се сретна со новиот комесар за проширување, Вархеји и учествуваше на работен појадок со МНР на земјите-членки на ЕУ

од Ивана Рамаданова
211 прегледи

На првиот ден од работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи Никола Димитров учествуваше на работен појадок со министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ и МНР на Албанија, во организација на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас.

Димитров, соопшти Минитерството за надворешни работи, порача дека и покрај неисполнетото ветување на октомврискиот Европски совет, Владата го задржа фокусот на реформската агенда и интензивно работи на убедување на земјите членки дека отворањето на преговорите со Северна Македонија ќе биде заслужен чекор што ќе придонесе за одржување на реформскиот процес внатре во земјата и ќе послужи како охрабрување за останатите земји во регионот.

Во однос на методологијата, министерот Димитров потенцираше дека сè што ќе ги направи преговорите подобро структурирани, поефикасни, пофер, посуштински и покредибилни е прифатливо и е од интерес и за Северна Македонија.

Потребно е, посочи, заеднички да создадеме контекст од кој на крајот сите ќе излеземе како победници. Исходот од октомврискиот Совет на ЕУ создаде несигурност која е неопходно да се коригира што е можно побрзо.

„Се согласуваме со унапредување на преговарачкиот процес, но бараме носење на одлуката за почеток на преговорите без натамошно одлагање.  Временската рамка е важна и со нетрпение ќе ги очекуваме предлозите на Европската Комисија. Немаме што да изгубиме од повеќе строгост во оценувањето ниту од враќање на „резервната клупа“ кога земјата не покажува резултати. Меѓутоа, ниту најдобрата методологија нема да може да го компензира отсуството на политичка волја. За тоа ни е потребен еднаков терен и јасни правила на игра кои ќе овозможат прифаќање на обврските, но и реално придвижување напред кон членство и конкретни бенефити по патот, доколку обврските задоволително се остваруваат. Северна Македонија со ЕУ реформите и разрешувајќи ги билатералните прашања со соседите веќе го пречекори прагот, тоа сите го признаваат, и очекува набрзо да и’ се овозможи еднакво како и останатите да се докажува на европскиот пат. Нестрпливо очекуваме да го започнеме реформскиот натпревар. Европа без европската перспектива за зачленување на земјите од ЗБ нема да биде комфорно и пристојно место. Време е за лидерство бидејќи влоговите се високи“, истакна Димитров.

Тој имаше прва средба со комесарот за соседство и проширување на ЕУ, Оливер Вархеји на која заеднички беше констатирано дека е крајно време да се донесе одлуката за отворање на пристапните преговори, со што исходот од октомврискот Совет на ЕУ може да се преточи во заеднички успех.

„Зајакнатата и блиска соработка со Европската комисија,  како наш најблизок сојузник и партнер, е важен елемент во постигнувањето на оваа цел“, потенцираше Димитров.

На средбата се разговараше и за следните чекори поврзани со подобрување на пристапниот процес и беше договорена посета на комесарот Вархеји на Северна Македонија во јануари следната година.

Во рамки на посетата на Брисел, Димитров се сретна и со Франсоа Ру, шеф на кабинет на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Министерот Димитров ги претстави нашите очекување за претстојниот период во контекст на одлуката на Европскиот совет и го запозна соговорникот со најновите реформски активности во земјата во клучните области, како и со унапредувањето на добрососедските односи.

За време на работниот престој во Брисел, министерот Димитров предвидено е да оствари средби со шефот на кабинет на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, со претседателот на групата Обнова на Европа, Дачијан Чолос, како и со повеќе европратеници вклучувајќи ја и групата Пријатели на Северна Македонија во Европскиот Парламент. 

Слични содржини