Министерството за надворешни работи денеска во 17 часот ќе напарви пресек колку и каде се има наши државјани надвор од државава, по што ќе преземе активности за нивно враќање дома, истовремено водејќи сметка и за другиот државен интерес, а тоа е да не се зголеми драстично ризикот по здравјето на населението тука, изјави денеска министерот за надворешни работи Никола Димитров.
Тој појасни дека еден од проблемите во однос на ова прашање е немањето проверени сознанија и укажа на информацијата пласира во јавноста за наводно 150 млади македонски граѓани затекнати во Барселона, а од цела Шпанија, рече, само 16 граѓани се пријавени во нашата Амбасада во Мадрид.
– Поттикнати од тоа, вчера упативме јавен повик до сите граѓани во странство посебно оние што немаат престојувалиште вон татковината да се регистрираат во ДКП-ата каде што се. Ако немаме таму дипломатско-конзуларна мисија, тоа да го сторат во најбилиската до земјата каде што се. Во Малта немаме, што значи Амбасадата во Рим е надлежна за регистрација. Ние мора да знаеме за колку луѓе зборуваме. Пресек ќе направиме денес во пет часот попладне и штом имаме појасна слика каде ни се луѓето и колку се, ќе преземеме се што можеме да си ги вратиме дома, истовремено водејќи сметка и за другиот државен интерес а тоа е да не се зголеми драстично ризикот по здравјето на народот тука. Тоа се два државни интереси што треба да ги имаме предвид во оваа операција, рече Димитров во Скопје одговарајќи на новинарско прашање во врски со нашинци затекнати во Малта на заедничката виртуелна прес-конференција со германскиот државен министер за Европа Михаел Рот.
Димитров додаде дека по 17 часот ќе имаме поконкретна информација околу ова, како и за планови, но нагласи дека мора да бидеме многу внимателни со информациите што течат низ јавноста и да ги проверуваме многу внимателно.
– Задача на ова Министерство е апсолутно да најде начин, иако имаме ограничени ресурси, немаме национална авиокомпанија, па напорот не е едноставен. Вчера ноќта разговарав со министерот за надоврешни работи на Австрија, Шален Берк, бидејќи тие имаат национална компанија, таму каде што е можно каде тие летаат за австриски државјани, во случај на слободни места да може да земат и македонски државјани, па потоа некако полесно да ги донесеме дома. Ќе правиме се што може. Свесни сме за очајната ситуација на некои од нашите граѓани во странство. Оваа мерка сега е многу важна, да се евидентираат во ДКП-ата каде се за да знаеме, за да ги имаме неопходните веродостојни информации за да помогнеме, потенцира Димитров.