Поранешниот пратеник, Илија Димовски вели дека не може да оцени дали Владата не се снајде околу целата ситуација со Блискиот Исток и цената на нафтата. Вели дека принципиелно имаме системски проблеми во државата кои се постари од сегашната, но и претходната Влада, а тоа според него е слабото ниво на конкуретност во општеството.
-Ние имаме затворен пазар и немаме многу играчи на пазарот и во другите полиња, но и во полето на малопродажба на нафтени деривати. Можеби е добро да се размисли на долг рок да се ослободи просторот и да се либерализира пазарот, како и во делот на производство на храна. Кога на пазарот би имало доволно играчи односно многу повеќе продавачи отколку сега…Најавен е „Лидл“ да доаѓа, но и тоа мислам нема да биде доволно во принцип. И кога беше ВМРО-ДПМНЕ во опозиција, имаше војна во Украина и ВМРО напаѓаше, СДСМ и ДУИ се бранеа, сега е обратно. Во државата има друго ниво на проблеми кои што дневната политика не дозволува да се решат. Државата треба да го отвори пазарот, рече Димовски во емисијата „Само вистина“, додавајќи дека ако имаме уште неколку ланци на продавачи на нафтени деривати, би било многу подобро.
-Во Грција на секои 100 метри имате бензиски пумпи по градовите. Ако има потреба и желба, треба државата тоа да го направи. Тоа важи и за маркетите и за другите дејности. Најдобар одговор во вакви ситуации не може да го даде државата, рече екс-пратеникот, истакнувајќи дека треба да се приватизираат дел од јавните претпријатија. Димовски забележува дека имаме стотици јавни претпријатија, а најголем дел од нив веќе 30 години работат во минус.
-Не мислам дека чистењето на ѓубре треба да биде работа на државата. Не мислам дека градењето на паркинзи треба да биде работа на државата. Државата треба да биде регулатор, рече Димовски.