Почетна / Македонија / Димовски: Новите пратеници да најдат сила и да се наметнат над интересите на извршната власт

Димовски: Новите пратеници да најдат сила и да се наметнат над интересите на извршната власт

Денес се конституираше новиот состав на Собранието на Република Македонија и по тој повод би сакал да го честитам мандатот на новоизбраните пратеници и да им посакам успешна работа.
Би сакал, но и должен сум да се заблагодарам на сите граѓани кои до сега, повеќе пати, ми даваа несомнена и голема поддршка на неколку изборни циклуси наназад, како во мојот град Велес, така и во целата трета изборна единица, напиша на својот Фејсбук профил, поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски.
Како поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија, врз база на сопствено чувство на незавршена работа, но и како апел до новите пратеници би сакал да укажам на една клучна и сериозна системска грешка и маана во неговата работа, за која, ниту во времето на Влада на ВМРО-ДПМНЕ, а и последниве години, во време на Влада на СДСМ не се најде волја и начин да се надмине и реши.
Таа системска грешка и маана е неговата зависност и подреденост под извршената власт, што е спротивно на Уставот.
Да бидам искрен, во Собранието секогаш имало волја да се наметне над Владата и партиските водства, но таа волја била ограничена и по квантитет и по квалитет, а и секогаш била остро и силно нападната од политичкиот естаблишмент кој бил дел или единствено заинтересиран за извршната власт.
Во овој период на завршени избори, а сеуште неизбрана Влада, дополнително со превезот на нејаснотии за јавноста, кој ќе биде, а кој не дел од новата Влада, без притисок на позициите за тоа кој е власт, а кој опозиција, е одличен тајминг за реформа на политичката и суштинска поставеност на Собранието на Република Македонија спрема извршната власт, спрема политичките партии, но и како одговорност спрема
граѓаните.
Не треба многу, треба да се променат и изменат три акти:
1. Изборниот законик (за да се промени изборниот модел);
2. Деловникот за работа на Собранието (за да се внесе поголема динамика, одговорност и алатки за работа на пратениците, а да се намали монополот за управување што до сега го има кај себе институцијата Претседател);
3. Законот за политички партии (за да се наметнат и обврски, а не само права за политичките партии, по примерот на сите други правни ентитети во државата).
За овие три акти секогаш е потребен најширок консензус, што ретко се постигнувал, иако зад нас имаме десетици и десетици започнати иницијативи за реформа во оваа област.
Во ова време на неформирана Влада, можеби е најдобро да се размисли и иницира по стоти пат темата за проблемите на функционирање на Собранието.
Ова се работи за кои, да бидам искрен, до сега партиите, за жал, немаа доволно волја и слух.
Се надевам дека новиот пратенички состав, составен од најголем број нови пратеници, ќе најде сила да се наметне себе и својата одговорност и работа, над интересите на извршната власт, а во суштина да ја спроведе волјата на граѓаните заради која и е избран, напиша Димовски.
loading...