Дипломатите со своја оценка за средбата на медијаторот Нимиц со преговарачите

од Vladimir Zorba
112 прегледи

  Спорот со името кој го има Грција со Македонија тргна од мртвата точка по средбата во Брисел меѓу медијаторот Метју Нимиц и преговарачите на двете земји. Според дипломатски извори ова е прв обид за приближување на ставовите по тригодишниот застој. 

– Првата средба во спорот, стар речиси три децении, не може да даде целосна слика за подготвеноста на Грција за компромис, иако и двете страни покажуваат оптимизам за негово решавање, наведуваат дипломатите, додавајќи дека во моментов не е корисно да се шпекулира со конкретен предлог за име, бидејќи е најважно да се зацврсти подготвеноста за да се реши прашањето.

Дипломатите сметаат дека македонската страна е подготвена на промена на пристапот кон целиот проблем и напуштање на чекорите на напади и конфронтации како и приближување кон Грција но, според нив, во моментов тој процес е отежнат од случувањата со опозицијата, односно наративот што досега се користеше во јавноста, што само придонесуваше за зајакнување на офанзивниот пристап на Атина. Воспоставување на внатрешен консензус не е лесен процес, со оглед на тоа што голем број од носителите на одлуки од редовите на опозицијата се соочуваат со судски постапки, во врска со настаните од 27 април, а исто така и грчката Влада нема единствен став во однос на прашањето, со оглед на позициите за името на министерот за одбрана Панос Каменос.

Покрај се, сепак, повеќе од извесно е дека Македонија ќе биде вклучена во Стратегијата за проширување на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, најавена за февруари 2018 година, а ЕК може да излезе со препорака за почеток на преговорите и пред април, пред објавувањето на нејзиниот редовен извештај за напредокот.

Дипломатски извори велат дека без разлика на околностите и внатрешни и надорешни, сепак постои шанса, што ќе биде прва по Самитот во Букурешт од 2008 година, и оти ако во 2018 година не се фати возот нема да се знае на какви околности ќе се наиде во Европа, по изборите за Европскиот парламент.

Постојат реални шанси и Генералниот секретаријат на НАТО да излезе со извештај до април за билатералното прашање со Грција и за процесот на реформите во земјата.

Според Малинка Ристевска-Јорданова од Институтот за европска политика, не треба да се надеваме дека решението на проблемот за името ќе дојде само по себе, туку дека треба да направиме се до него да се дојде.

– Ако ја изгубиме и следната година, наскоро ќе бидеме во ситуација сите соседи да ни се во НАТО и ЕУ, а ние да останеме изолиран остров и проблемот се уште да постои, вели Ристевска-Јорданова во изјава за МИА.

Таа смета дека климата е подобрена и во НАТО и во ЕУ и оти Македонија се вратила на реформската патека. Оценува дека треба да се внимава да се дојде до решение кое сепак ќе биде прифатливо за Македонија, а нема да биде доживеано како пораз.

И Алојз Петерле, пратеник во Европскиот Парламент и претседател на Делегацијата на ЕП на Мешовитиот парламетарен комитет Република Македонија – Европска Унија во интервју за „European Western Balkans“ оценува дека е постигнат напредок во областа за градење доверба помеѓу Атина и Скопје, но, како што вели, се очекува дека ќе следат и конкретни чекори.

– За да се најде решение за спорот во врска со името на Македонија, а тоа да биде прифатливо за двете страни, потребно е да вложат напори и Атина и Скопје, вели Петерле и нагласува дека е поголем оптимист отколку пред една година дека е можно да се постигне решение прифатливо за двете страни./МИА

Слични содржини