Министрите за надворешни работи на Турција и Грција отворено се судрија денес на заедничката прес-конференција во Анкара, која започна со надеж за подобрување на односите, но имаше и остри обвинувања од обете страни.
Барајќи начин за ублажување на тензиите околу територијалните спорови на истокот на Средоземното море, грчкиот министер Никос Дендиас се состана со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу на првиот состанок на официјални лица од двете земји откако нивните воени морнарици скоро се судрија минатата година.
Сепак, на почетокот срдечната атмосфера на конференцијата стана кисела кога Дендиас рече дека ќе одговори на повредата на грчкиот суверенитет со санкции, а Чавушоглу ги отфрли неговите коментари како неприфатливи.
„Дојдовте тука и се обидувате да ја обвините Турција, за да испратите порака до вашата земја. За мене е неприфатливо“, возврати Чавушоглу.
Разговорите започнаа со понуда на грчка помош за аспирациите на Турција за влез во Европската унија и нова програма за ресетирање на односите, но Дендиас ја обвини Турција дека повторно испраќа авиони над грчката територија.
„Позицијата на Грција е јасна. Турција ги прекрши меѓународното право и поморското право во Егејското Море и источниот Медитеран“, рече Дендиас.
Чавушоглу го отфрли обвинението, велејќи дека Турција не го нарушила грчкиот суверенитет со своите истражувања и подводно дупчење и ја обвини Атина дека ги турка мигрантите назад во Егејското Море.
„Кога ќе навлеземе во меѓусебни обвинувања, имаме многу да си кажеме едни на други. Ако сакате да ги продолжите овие кавги, тензии, можете, и ние ќе продолжиме исто“, додаде тој.
Но, обете страни изјавија дека сакаат да продолжат со напорите за решавање на нивните разлики преку дијалог.