Џафери ќе биде технички премиер, Митрески претседател на Собранието

од Vladimir Zorba

На месец и половина пред формирањето на преодната Влада веќе е познато името на новиот технички премиер. Претседателот на Собранието Талат Џафери треба да ја преземе оваа функција, а Јован Митрески од СДСМ да биде претседател на Собранието до неговото распуштање. Преодната Влада се очекува да биде изгласана на 28 јануари. Партиите работат на кадровско екипирање на оваа влада и истовремено на програмите и на избор на претседателските кандидати, но и на селекција на кандидати за пратеници за изборите на 24 април и на 8 мај.

Џафери ќе биде премиер во третата преодна Влада од 2016 година наваму. Пред него премиери на т.н. Пржинска влада беа Емил Димитриев (2016) и, сега актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски (2020). Согласно Законот за Влада и договорот од 2015 година, опозицијата предлага министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика, а во неколку ресори има и дополнителни заменици министри.

Централното претседателство на Демократската унија за интеграција (ДУИ) на состанок во партиското седиште вчера одлучи актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери да биде технички претседател на Владата на Република Северна Македонија од 28 јануари до изборот на новата Влада. Фатмир Бесими е избран за шеф на Централниот изборен штаб за изборите 2024, а се овластува претседателот на партијата Али Ахмети да продолжи со разговорите со политичките партии и да одлучува за евентуални коалиции за претседателските и парламентарните избори.

Џафери, пак, во видео порака истакна дека му претставува особена чест доделената доверба од партиските органи за номинација на наредната функција – технички премиер во Владата во последните 100 дена.

И оваа функција со должно почитување и соодветна одговорност ќе биде спроведена од моја страна како одговор на поддршката искажана од партиските органи, а пред се и од граѓаните на Република Северна Македонија, порача Џафери во видео изјава.

Утре СДСМ ќе одржи седница на Извршниот одбор на партијата на која, како што брифираат партиски извори, премиерот Димитар Ковачевски ќе го предложи Јован Митрески за претседател на Собранието до неговото распуштање.

Слични содржини