Претседателот на Собранието, Талат Џафери информираше дека доколку парламентарните и претседателските избори се спроведат на 8. мај, распишувањето ќе треба да биде 27-28 февруари, а техничката Влада да биде формирана на 27 или 28 јануари.
Според него, веќе следната недела, може на лидерска средба и официјално да се утврди 8-ми мај како ден за втор круг претседателски и парламентарни избори. Тој им порача на партиите дека се добредојдени на средба во Собранието за конечен договор,
-Политичките партии кои се во Собранието ќе треба да се усогласат околу евентуалниот датум на одржување на изборите во рамките на она што се дадени како рамки за определување на условите со Уставот и законите во рамките на последните 60 дена од претседателски и последните 90 дена од парламентарните избори. Ако се претпостави она што се шпекулира дека 8 мај би бил прифатлив за сите да бидат заедно регуларни избори, претседателски и парламентарни, тогаш роковите се во рамките на минимум 70 и максимум 90 дена од распишување до одржување на изборите. Изборите во тој случај би се распишале околу 27 или 28 февруари. Ако се одржат заеднички на 8 мај, како резултат на пржинскиот договор, техничка влада би требало на крајот на јануари да е избрана 27 или 28 јануари да се избере техничка влада. Тоа се роковите во однос на она што би бил конкретниот датум за избори доколку е 8 мај, рече Џафери во изјава за медиумите.
Без да даде конкретен одговор, премиерот Димитар Ковачевски негира дека има договор за техничка влада која ќе ја предводи ДУИ. Ковачевски повтори дека целта е создавање на европска коалиција и напомена дека се вршат разговори со Алијанса за Албанците како дел од истата. За потсетување, Арбен Таравари најави дека е можно да излезат од оваа коалиција.
Пред ваквата изјава на премиерот со коментар се јави и вицепремиерот Артан Груби кој најави дека идната техничка влада ќе ја предводи кадар од ДУИ.
Претходно, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски изјави дека 8 мај е можен термин кога би се одржале вториот круг од претседателските избори и првиот круг од парламентарните избори. По денешната изјава на Ковачевски, можно е идејата на Мицкоски да биде прифатена.