„Бугарија мора да има конзистентна политика кон Република Северна Македонија. Во земјата постои јасно изразен антибугаризам, генериран од властите таму кои се обидуваат да одржуваат екстремно хистерична тензија против сите манифестации на бугарската национална самосвест. Во Северна Македонија има најмалку 230.000 луѓе кои го обновиле своето бугарско државјанство“, вели поранешниот европратеник и еден од копретседателите на бугарската партија, ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски во интервју за бугарските медиуми.
Тој притоа го коментирал и кршењето на стаклото на вратите од Бугарската амбасада во Скопје.
„Кога вредните згради – споменици на културата во Пловдив – требаше да бидат уништени, некој скитник ги запали. Сега, братучедот на овој скитник отиде и ја скрши вратата на нашата амбасада – повторно некое лице кое беше искористено за спроведување на оваа провокација“.
Тој е категоричен дека Бугарија мора да има конзистентна политика кон Македонија, а не, како што вели, „нашата надворешна политика да зависи од тоа кој ќе биде на власт и силните личности во бугарската политика да се плашат да ги бранат бугарските интереси во Македонија и да не ги налутат Меркел, Мерц, Макрон или кој било друг европски лидер“.
„Во последните години, видовме неподготвеност на силните личности во бугарската политика да се занимаваат со темата за Македонија, бидејќи се плашат од негативна реакција во Брисел“.
Џамбаски е на мислење дека „сè додека Виктор Орбан е на власт во Унгарија, а ВМРО-ДПМНЕ е на чело на македонската Влада – нема да има подобрување во соседските односи“.
„Очекувам токму спротивното – повеќе провокации и ескалација на тензиите. Подобрувањето на односите меѓу Скопјe и Софија оди само преку демонтирање на оваа антибугарска, про-Кремљ и србоманска влада, но тоа нема да се случи без Владата во Унгарија да се повлече“, критикува бугарскиот политичар.
Поранешниот европратеник, исто така, коментирал за бугарската политичка ситуација во неговата земја и претстојните предвремени избори.
„Присуствував на сите три протести – видов огромна репрезентација на целото граѓанско општество – ова беше причината за оставката. До моментот на поднесување на оставката – никој не знаеше дека ова ќе се случи. Секако, беше подобро да имаме влада кога ќе влеземе во еврозоната, како и да имаме јасна и конзистентна политика во врска со цените и борбата против шпекулациите“.
Џамбаски исто така смета дека „најлогично е сега да се појави политички проект на претседателот Румен Радев“.
„Не треба да чекаме уште еден изборен циклус за дополнително да ја поткопаме оваа влада, бидејќи постои таква логика. Ако партијата на претседателот не се појави – ќе се случи истото Национално собрание“, истакнал Џамбаски за бугарски „Таралеј“.