Како полека одминува летото, се повеќе во фокусот на политичката, а со тоа и општествена јавност, предимство во дневните вести по македонските медиуми и телевизии, ќе добиваат на гласност претстојните локални избори наесен. Доминантните политички партии во етничкомакедонскиот политички простор од владејачката десница ( ВМРО-ДПМНЕ) и политички дезиориентираната левица (СДСМ), веќе ги промовираасвоите кандидати за градоначалници во поголемиот дел од скопските општини, Градот Скопје, но и поголемиот дел од општините низ Републиката. Согласно преференциите на гласачите од минатогодишните претседателски и парламентарни избори, очигледно е дека електоратот е свртен в десно, односно до лани, владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија, беше жестоко казнет после седумгодишно владеење. Од тој политички нокдаун, веројатно ќе истече многу вода низ Вардар, СДСМ политички да се соземе и да стане повторно конкурентна партија на политичката сцена.
Герасимовски во поход да ја спаси честа во Центар!
Без да бидам аналитички неблагодарен и однапред да ги предвидам резултатите, правејќи се Нострадамус, само ќе констатирам дека СДСМ има сериозни и веројатни шанси да ја задржи под своја капа Општина Центар, не толку поради СДСМ како партија, туку поради способноста на актуелниот градоначалник и кандидат за иден градоначалник Горан Герасимовски, кој умешно и успешно во својот прв мандат ги кооптираше интересите на центарци од сите партиско-политички и интересни групи, не правејќи разлика во нивните потреби, односно како градоначалник соработувал со сите советнички групи во Советот, инкорпорирајќи ги легитимните барања на различните преставени интересни центри на моќ во ова институција на системот. Во ситуација кога владејачкото мнозинство, најверојатно ќе оди со прокси решение од коалицискиот партнер ЗНАМ (читај поранешен сдсмовец), како кандидат на власта, очигледно, дека СДСМ може да се надева на освојување на најурбаната скопска општина. Интересна битка се очекува во друга скопска Општина, а тоа е Карпош, која покрај Центар, важи за втора најатрактивна во главниот град. Досега се актуелизирани кандидатурите на Сотир Лукровски (ВМРО-ДПМНЕ) и Маја Мојсова-Мијовска (СДСМ), а се очекуваат на актуелниот градоначалник и лидер на ГРОМ Стевчо Јакимовски, како и кандидат од политичката партија Левица, која во изминатите изборни циклуси освојуваше респектабилна бројка на гласови во оваа урбана скопска локална самоуправа. Дисперзијата на гласачкото тело меѓу четворица конкурентни кандидати, ја прави изборната трка интересна и неизвесна сама по себе. Во останатите скопски општини, заедно со градот Скопје, се очекува владејачката ВМРО-ДПМНЕ да направи „џандар збира“ , уште во првиот круг, оставајќи ги СДСМ патосирани. Во некои општини, Аеродром или Кисела Вода на пример, се очекува дури радикално-опозициската Левица, да влезе на „бараж“ во вториот круг со ВМРО-ДПМНЕ, наместо СДСМ, што би претставувало дополнително маргинализирање на социјалдемократите и во иднина.
Се вади политички „тешката артилерија“ кај Албанците!
Сепак, најинтересната битка на овие локални избори, се очекува да биде во т.н етничко-албански политички блог, меѓу коалицијата предводена од ДУИ (Европски фронт) и владејачката ВЛЕН (Вреди). Номинацијата на поранешниот министер за надворешни работи и за здравство , Бујар Османи, од редовите на ДУИ, да се спротистави на кандидатот на ВЛЕН (најверојатно актуелниот вицепремиер за животна средина Изет Меџити), кој излезе од редовите на ДУИ и го предводи ВЛЕН фронтот, е доказ дека во етничко-албанскиот политички блок, на дело се вади и не се штеди „тешката политичка артилерија“, со која ќе се „пука до последен глас“, за да се освојат што повеќе Општини, како еден влог во битката за докажување на легитимитетот кај Албанците во државата. Најавената номинација на поранешните градоначаници на Општина Струга и Гостивар од редовите на ЕФ, Зијадин Села и Арбен Таравари, како едни од актуелни предводници на коалицијата формирана околу ДУИ и лидерот Али Ахмети, и неноминирањето на кандидати од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во големите Општини во Западна Македонија, со мешан етнички состав (Струга, Кичево, Гостивар и Тетово), ни укажува дека „битката за победа “ во етничко-албанскиот блок ќе биде „најкрвава“ до сега во преносна, не дај боже во вистинска смисла на зборот. И дека се фрла се на една карта: делегитимација на ВЛЕН во учеството во власта и предизвикување на парламентарни избори напролет, за влез на ДУИ во власта после нив, или пораз на ДУИ, за докажување на „легитимитетот на Вреди“ во владејачката коалиција, и продолжување на истата со ВМРО-ДПМНЕ, до крајот на четиригодишниот мандат.
Благојче Атанасоски
Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.