Џефри Епстин – без диплома и искуство, на 28 години влегува во бизнис со милијардерите

Официјалната верзија е дека извршил самоубиство, неофицијалната, шпекулативната, дека бил убиен за да не се откријат грозните тајни на богатите и славните.

од desk2
30 прегледи

Џефри Епстин, покојниот „другар“ на милијардерите и организатор на педофилски забави, е роден на 20 јануари 1953 година во Њујорк. Почина 10 август 2019 во затворска ќелија во Њујорк, чекајќи судење. Официјалната верзија е дека извршил самоубиство, неофицијалната, шпекулативната, дека бил убиен за да не се откријат грозните тајни на богатите и славните.

Џефри Епстин израснал во еврејско работничко семејство и студирал на некој универзитети, вклучувајќи го и „Купер Јунион“ во Њујорк, но не стекнал факултетска диплома. И покрај тоа, почнал да работи како наставник по математика и физика во престижното училиште „Далтон“ во Њујорк во 1970-те, пишува Н1 Хрватска.

Без диплома во врвот на инвестициска банка

Кариерата во финансискиот свет ја почнал на крајот на 1970-те, кога преку работата во училиштето стапил во контакт со Алан Гринберг, тогашен извршен директор на инвестициската банка „Беар Стернс“. Гринберг му понудил работа во банката, и покрај недостигот на искуство и образование. Епстин бргу се искачил на врвот и се специјализирал за управување со имотите на богати клиенти, наводно помагајќи им да ги избегнуваат даноците.

Ја напуштил „Беар Стернс“ во 1981 година за да ја основа „Џ. Епстин енд Ко“, подоцна позната како „Фајненшел Траст Компани“, со седиште на Американските Девствени Острови. Според неговите тврдења, компанијата нудела услуги на управување со богатството на клиенти коишто „тежеле“ повеќе од милијарда долари. До денес не е јавно познато кој биле тие клиенти – со неколку исклучоци: милијардерот Лесли Векснер, поранешен сопственик на „Л Брендс“, која ги опфаќаше брендовите Victoria’s Secret, Bath & Body Works и други.

Векснер, според јавно достапните записи, му пружил на Епстин значајна финансиска и логистичка поддршка, вклучувајќи пренос на вреден имот, како што е една луксузна вила во Њујорк. Деталите на нивниот деловен однос никогаш не се во целост разјаснети, но јасно е дека тоа дружење било клучно за подемот на Епстин.

Начинот на живот и социјалните врски

Епстин со текот на времето станал познат по својот раскошен начин на живот и со блиските односи со бројни истакнати личност од политиката, науката и забавата, вклучувајќи ги тука поранешниот претседател на САД, Бил Клинтон, британскиот принц Ендрју и технолошки милијардери, како Бил Гејтс. Имал резиденции во Њујорк, Палм Бич, Париз, Ново Мексико и приватен остров на Карибите.

Иако веќе беше под истрага во 2005 година поради сексуален напад на малолетници, во 2008 година постигна контроверзна спогодба за признавање на вината, со која се изјасни за виновен за благ прекршок и доби и блага казна – 13 месеци затвор, со можност за работење. Оваа спогодба подоцна предизвика големи јавни и правни контроверзи.

Во 2019 година беше покренато ново обвинение за сексуално искористување и трговија со малолетници. Епстин е уапсен во јули таа година, а во август е пронајден мртов во затворската ќелија во Метрополитанскиот поправен центар во Њујорк. Официјалната причина за смртта, според извештајот на патологот, е самоубиство.

Трамп „се излизга“

Сѐ што уследи потоа е предмет на бројни наводи и теории, во коишто првенствено се споменува сегашниот претседател на САД, Доналд Трамп. Иако својата изборна кампања ја засноваше на ветувањето дека ќе го објави списокот на имињата на клиентите на Епстин што учествувале во злоставување малолетници, неодамна ја смени приказната и, заедно со истражителите, почна да тврди дека таков список не постои.

Реакциите на јавноста, посебно на луѓето што гласаа за Трамп, беше жестока и прашината уште не е слегната – речиси секојдневно е главна тема на главните медиуми во САД – така што тешко би можело да се очекува сагата за Епстин наскоро да заврши.

Слични содржини