Џејмс ќе го носи знамето на САД на отворањето на Олимписките игри!

од Vladimir Zorba
25 прегледи

Една од најголемите ѕвезди на претстојните Олимписки игри ќе биде НБА асот Леброн Џејмс, а тој ја доби честа да го носи знамето на Соединетите Американски Држави на свеченото отворање.

Кошаркарите на САД ќе бидат апсолутен фаворит за освојување на златниот медал на Олимписките игри во Париз, бидејќи „дрим-тимот“ го сочинуваат 12 мегаѕвезди, предводени од најдобриот стрелец во историјата на НБА, Леброн Џејмс.

Ова ќе биде четврти настап за „кралот“ на Олимписките игри, а за првпат ја добива честа да го води тимот на својата земја на отворањето.

„Ова е неверојатна чест за мене, да ги претставувам САД на глобалната сцена, особено во време кога сите треба да бидеме тука еден за друг. За едно дете од Акрон, ова е одговорност што значи многу не само за мене, туку и за целото мое семејство, за сите деца во мојот роден град, за моите соиграчи, за сите други олимпијци и за сите што живеат со највисоки амбиции. Спортот има моќ да не зближи и обедини, затоа сум горд што можам да бидам дел од таков момент“, порача Леброн Џејмс.

Да потсетиме, Леброн на претходните три Олимписки игри со својата репрезентација освои две злата (Пекинг 2008 и Лондон 2012) и една бронза (Атина 2004).

Олимписките игри во Париз се закажани од 26 јули до 11 август, а репрезентацијата на САД првиот натпревар од групната фаза ќе го одигра против селекцијата на Србија.

Слични содржини