Џоломарите, крампус, Спиноза и мицињата

од Nikola Popovski

Попусто државата (власта) уште ги моли оние од мицковистичко дпмне да гласаат за големата историска придобивка – Уставно-правна дистинкција меѓу македонскиот и бугарскиот народ односно дел од бугарскиот народ кој живее во оваа држава, тие нема да гласаат. Едноставно, мицињата имаат план како да дојдат на власт втемелен токму на тоа дека – нема да гласаат. Целта е да се  претстават како патриоти посебно кај неинформираните гласачи (ние ги знаеме какви политички глумци се) и да кажат – еве, и наспроти притисоците патриотски издржавме, не ги внесовме Бугарите во Уставот, и – ќе победат на изборите догодина. Прост, но мошне ефикасен план, доколку ние, народот, државата, власта, не сториме нешто, а време има се помалку. Не е потребно да си Кисинџер со реал-прагматичен аналитички ум за да сфатиш дека ова политички пеколно сценарио на мицињата ќе успее. Со апсолутно доминантната агит-проповска медиумска машинерија, со тоталната дефанзива на СДСМ и ДУИ, со напати дури и смешните секојдневно нови и нови обиди за да се намолат мицињата да гласаат, сосема извесно е дека не постои објективна пречка за стопроцентна реализација на нивниот пеколен план за изборна победа. Дури, колку повеќе ги молат, а почнаа веќе и буквално секој ден, толку изгледаат се поочајно и поуплашено оние од власта, што се разбира е забележано како слабост и резултира со нова мотивација на мицињата да издржат со нивниот план. На Балканот, кај нас, вакво попустливо политичко однесување се доживува кај народот како слабост – не сме ние Финска, Данска или Шведска па бескрајното попустливо однесување и обиди за компромисно преговарање да бидат јавно третирани како специфика на врвна демократска свест и развиток на таков модел на политички дискурс. Ова е Балкан, Македонија, а тука, ако си слаб – ќе те дотолчат. Се чини дека ова е еден од главните проблеми на власта, државата, а посебно на СДСМ (во поново време и на ДУИ) – тие не го разбираат моделот на мислење на мицињата и нивната опседнатост како да дојдат на власт, нивната речиси псиопатолошка нарцисоидна политичка желба за државни функции. Фините дечки и девојки од СДСМ, фино воспитани, високо образовани, како да мислат дека живееме во Финска, а тие така фини ќе успеат преку рационален дијалог и аргументирана дебата да ги убедат мицињата. Не, дами и гопода, тие не се фини како вас, тие се – мициња!

СДСМ и некако, но уште повеќе зачудува бескрајната трпеливост и толеранција на ДУИ, партија која произлезе од учк-она и и команданти во маскирни униформи. Каде исчезна нивното дводецениско практикување на власта без компромиси кога станува збор за нивните интереси, владеење со политичка ароганција и отворено покажување на политичка моќ насекаде и секогаш, мене лично ми е голема енигма –  метафорично, како орлите да станаа славеи. Такво секојдневно јавно понижување кое го доживуваат од мицковистичко дпмне, навреди, масивна кампања против нив со нескриена цел да се исфрлат од власта (Влада без ДУИ е пропагандниот наратив на мицињата) па дури и отворени закани кон нив дека ќе одговараат откако, нели, мициањата ќе бидат власт, е стварно неразбирливо. Таквото нивно анти-ДУИ политичко однесување и пацифистичка реторика може да е засновано на нивната проценка дека ако сепак успеат да ги измолат мицињата да гласаат истото на избори ќе им донесе гласови, но уверен сум дека слично на примерот со СДСМ, длабоко грешат. Имено, не само што се соочуваат со зголемена радикалност кај ривалските Алтернатива и Беса, кои инаку одамна се веќе во коалиција со мицковистичко дпмне, туку ја губат и својата диференциа специфика кај нивните гласачи; и сето тоа – за бадијала, бидејќи на крајот, сепак, нема да гласаат мицињата бидејќи само така можат да победат на изборите догодина и станат власт. Уште поголем проблем за државата и народот, а и за СДСМ, е шокантната најава на ДУИ дека немало краен рок за Уставната измена! Наспроти се што беше зборувано во изминатите месеци – дека рокот е ограничен до септември-октомври заради распоредот во активностите на ЕУ, наеднаш, од ДУИ велат дека до последен ден од мандатот на Собранието ќе ги молеле мицињата, замислете го тој парадокс. Кај досега бевме подложени на триумфалните насмевки на мицињата додека секој ден пак и пак ги молат од власта, па зарем ќе се мачиме уште скоро една година до изборите?! Тотално неразбирливо и фасцинантно непознавање на колективниот не-ум на мицињата е ова – па, тие токму тоа го сакааат, власта да ги моли да гласаат, а тие за тоа време да глумат патриоти и така да победат на избори. ДУИ ќе им го овозможи тоа, и покрај фактот дека секој ден ги навредуваат, и замислете, наместо легитимно политички да реагираат и дејствуваат против нив, уште планираат да ги молат, до последниот ден пред избори. Поголем политички апсурд во контекст на командантската структура на учк-она во ДУИ досега немало, и практично претставува голем политички срам за нив како мит, политичка партија, но дури и лично. Затоа, сепак го чекам мигот кога ќе се налутат, природно и политички сосема оправдано, после сите навреди кон нив искажани од мицињата.

Станува дури и очигледно дека со Преспанскиот договор односно претходната промена на Уставот и зачленување на Македонија во НАТО, САД го реализираа својот клучен интерес со нашата држава. Членството во ЕУ, колку и да е тоа во нивен интерес, денес веќе не им е толку важно за да се ангажираат повеќе и поодлучно. Како и обично, во ЕУ има различни интереси, планови, разлики по многу основи, и тие не се толку моќни да реализираат посилен политички притисок врз мицињата, што сето заедно значи дека им оставија доволно бришан простор за манипулациии во јавноста, со поддршка на фините од СДСМ и ДУИ. Урсула не дојде, за жал, а Ескобар само оддалеку повторува дека се неопходни Уставни промени, и …толку. Малку е тоа, многу малку за макијавелистички решителните мициња и нивниот дантеовски план како да дојдат на власт.

И затоа, во оваа ситуација, значи, се е оставено на нас, народот. Ние сами мораме да ја завршиме нашата задача, да ја реализираме својата цел – историски да ја анихилираме анахроната теза за еден народ во две држави, и да дојдеме до богатите фондови, инвестициски можности, подоброто функционирање на сите институции на системот, со еден збор – држава во која повеќе нема да можат да постојат мицињата во политичка смисла. Бидејќи државата, власта, не превзема ништо кон нив и не остава сами со нивната присутност која станува просто неподнослива (во политичка смисла, се разбира), ние, народот, мора да пронаоѓаме креативни начини како да го избегнеме самото нивно присуство насекаде околу нас. Ми текнуваат неколку начини, од кои денес издвојувам два.

Имено, позната е една бизарна приказна од животот на Барух де Спиноза, кој во автархичната еврејска средина во Холандија се соочил со една чудна клетва заради своите ставови за Господ и природата кои биле во спротивност со Талмудот. Врз него била фрлена анатема која отприлика звучела вака свирепо – нека вашите очи не го гледаат, нека вашите уши нег о слушаат – и на тој начин бил целосно изолиран од заедницата. Но, мицињата не се Спиноза! А токму оваа клетва – целосно игнорирање, небитие во класична Парменидовска смисла – на мицињата, денес треба, денес мора да стане модел на практичен не-однос кон нив – како да ги нема околу нас, и така – ќе ги нема. Не ги слушајте нивните политички лаги, не ги гледајте нивните опскурни ликови, едноставно нека ги нема за вас, за Македонија, бидејќи единствено со нивното небитие Македонија може да биде подобра држава, па дури и воопшто да продолжи да егзистира на мапата со држави во светот.

Или, на пример, да бидеме Џоломари кон нив! Имено, антрополошките истражуваања на Клод Леви Строс покажуваат дека постои универзална трансисториска матрица во смисла на тоа дека сите народи имаат во суштина исти ритуали за бркање на лошото околу нив, со надеж за подобро утре. Кај нас, посебно во Тиквешијата, постои вековна традиција на Џоломарите, кои со вревата од клопотарците, маските кои наликуваат на оние од Крампус во регионот помеѓу Австриско-Германската граница, како да се денес  упатени токму кон мицињата како олицетворение на политичкото зло во Македонија. Сите ние денес треба да бидеме Џоломари, да го играме нивниот танц за прогонување на злото далеку од нас! Џоломарите верувале дека злите духови, демони и вештерки можат да се анихилираат со енергичен танц и колку е можно повеќе врева, и дека само така следната година ќе биде исчистена од нив и побериќетна. Не може да има добро се додека не се избркаат носителите на злото, самото зло во својата најчиста форма! Ние имагинативно мора секојдневно да танцуваме и вревиме и така да ги избркаме мицињата далеку во политичкото ѓубриште на Македонската историја!

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот

Слични содржини