Боксерите во тешка категорија Ентони Џошуа (35) и Тајсон Фјури (36) никогаш не успеаја да ја договорат борбата што сакаше да ја види целиот боксерски свет, но изгледа дека тоа ќе се случи оваа година. Не така одамна овие сонародници владееја во својата дивизија, но и двајцата неуспешно ги нападнаа појасите во последните настапи и со тоа доживеаја порази.
Џошуа моментално е на рекорд од 28 победи и четири порази, додека Фјури има 34 победи и два порази. Двата беа нанесени минатата година од новиот шампион Олександр Усик. Евентуална борба на двајцата Британци не би била за шампионскиот појас, но секако би предизвикала голем интерес.
Џошуа не крие дека ја сака.
„Ќе видиме, мора да влеземе во рингот. Само Господ знае што ќе се случи, но што се однесува до мене, таа борба ќе ја видиме во иднина. Времето е суштинско, времето е ограничено. Затоа, сакам да работам што е можно повеќе. Како и за 2024 година, кога ќе погледнам наназад, верувам дека можев да направам повеќе, а во 2025 година имам шанса да го направам тоа. Се случуваат подеми и падови, некои луѓе имаат само подеми. Мојот живот е подеми и падови, па морам да се навикнам на турбулентните времиња и да го фатам бранот. Сега не можам да застанам, морам да продолжам да боксувам додека не стигнам до целта“, изјави Џошуа.