Џошуа уверува дека се уште не е за во пензија

од Nikola Popovski
38 прегледи

Британскиот боксер Ентони Џошуа, по тешкиот пораз од сонародникот Даниел Дубоа на Вембли во борбата за титулата светски шампион во тешка категорија во ИБФ верзијата инсистира дека неговата кариера „сè уште не е завршена“, пренесува француската новинска агенција АФП.

Дубоа го нокаутираше Џошуа во петтата рунда од спектаклот пред 96.000 љубители на боксот, со што му го нанесе четвртиот и најтежок пораз во кариерата.

По катастрофалниот пораз, многумина веднаш го испратија Џошуа во пензија. Поранешниот британски олимписки шампион во понеделникот на социјалната мрежа „Х“ објави видео во кое вели дека неговото патување во боксот се уште не е завршено. Тој најави можен реванш со Дубоа и уште една британска борба со Тајсон Фјури.

Џошуа посочи дека е решен да извади позитивни работи од поразот и дека се уште не ја завршил кариерата од 32 борби со четири порази.

– Какво тркало на среќата беше, но знаете која е поентата? Ова мое патување сè уште не е завршено. Успеавме еднаш, двапати, третиот пат не беше лесен…, но верувам дека тоа е нешто што можам да го постигнам. Станува збор за правилни чекори напред, напорна работа и подобрувања кои доаѓаат од срце. Помина само еден ден, но знам, кога ќе погледнам наназад, знам дека имам многу срце. Ви благодарам за поддршката, ви благодарам што бевте на ова патување со мене. Врзете ги појасите, бидејќи длабоко во моето срце знам дека имам уште многу да покажам на оваа игра – изјави 34-годишниот Џошуа, олимписки аматерски шампион од Лондон во 2012 година.

Слични содржини