Џозеф: Пржинскиот договор од Македонија може да помогне во Србија преку посредство на САД или ЕУ

од Nikola Popovski
368 прегледи

Најавата на пратеникот на Доналд Трамп за специјални мисии и политика кон некои непријателски држави, Ричард Гренел дека САД не ги поддржуваат оние што ги напаѓаат институциите им послужи како можност на српските властит да нагласат дека ниту Вашингтон не ги поддржува актуелните протести низ земјата. Коментирајќи ги овие изјави, експертот за Балканот, Едвард Џозеф од Универзитетот Џон Хопкинс изјавил дека „иронично е Гренел да зборува за потребата да се почитува законот, кога набргу потоа имавме насилен инцидент во Нови Сад“. „И владата го признава тоа, поранешниот премиер Вучевиќ го признава тоа како причина за оставката“, рекол Џозеф во интервју за „N1“.

Запрашан дали има простор за дијалог и како би можел да изгледа тој дијалог за решавање на тензиите во Србија, Џозеф го истакнал примерот на Македонија и спроведувањето на Пржинскиот договор и техничката Влада.

-Па, тука е потенцијално улогата на надворешните актери, вклучувајќи го, на пример, Европскиот парламент како посредник. Да потсетиме дека претходно ЕП презеде улога во прашањата поврзани со изборите. Значи, постои потенцијал за тоа. Тоа може да го преземе институцијата, некој друг во Европската унија или САД. И има пример, еве еден преседан, многу важен, релевантен преседан од вашето соседство, соседна земја како С.Македонија. Против тогашниот премиер Груевски имаше огромни народни протести. Барања имаше и опозицијата и имаше преговори пред избори. Преговорите се одржаа со посредство на САД, што резултираше со договор познат како Пржински договор, кој може да послужи како модел. Со други зборови, постои таканаречениот македонски модел на поставување услови за нови избори. На пример, да се создаде преодна влада во која членовите на опозицијата ќе имаат клучни позиции во владата. Така што овој македонски модел е меѓу можностите кои би можеле да се искористат и прилагодат во Србија. И таму потенцијално ја имате улогата на надворешно посредување од страна на САД или од членки на ЕУ, изјавил Џозеф.

Според т.н. Пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година, сто дена пред парламентарните избори се воспоставува т.н. преодна влада, која треба да обезбеди фер и демократски избори. Со учество на министри од опозицијата, во таа популарно наречена техничка влада, се очекува да бидат спречени евентуални манипулации на власта, со кои би си обезбедила логистичка предност во изборниот процес. Процедурата за воспоставување на преодната влада, односно официјално влада за спроведување избори, започнува со оставката на претседателот на политичката влада, што, според пропишаното во Уставот, повлекува оставка на целата влада.

Потоа, заради организирање избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, Собранието на Република Македонија по предлог на претседателот на Владата на Република Македонија сто дена пред денот на одржувањето на изборите за пратеници во Собранието избира министер за внатрешни работи и министер за труд и социјална политика, по предлог на опозицијата, со мандат што трае до денот на објавувањето на конечните резултати од Државната изборна комисија за спроведените избори за пратеници во Собранието на Република Македонија, по што мандатот им престанува по сила на закон.

Министерот за внатрешни работи го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието, по претходна консултација со двете политички партии со најголем број пратеници во парламентот. Министерот за труд и социјална политика го предлага партијата во опозиција со најголем број пратеници во Собранието на Република Македонија, се пропишува во Законот за владата, во одредбите што се однесуваат на изборот на т.н. пржинска влада, како договор меѓу политичките партии. Пржинската влада најчесто се третира како „техничка“ или преодна влада и овие термини некако се сметаат за синоними, што би требало да означат дека станува збор за влада со која треба да се премости одреден период меѓу две политички влади, односно политички состојби во една држава.

Слични содржини