„Дневник“: Вратата за Скопје е отворена доколку ја признае историската вистина

од Nikola Popovski
342 прегледи

Откако го блокираше почетокот на преговорите за пристап на С. Македонија во ЕУ, Софија објави дека вратата за разговори со Скопје е отворена и Бугарија е подготвена да ги препознае современите реалности доколку Северна Македонија ја признае историската вистина, пишува бугарскиот „Дневник“.

Според нив, позицијата била објавена од вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева во парламентот, каде што била сослушана по ова прашање заедно со другиот вицепремиер Красимир Каракачанов. Двајцата зборувале наместо премиерот Бојко Борисов.

За поддршка на почетокот на преговорите меѓу Скопје и ЕУ, Софија сака законска рамка со гаранции дека С.Македонија ќе престане да ја фалсификува историјата и нема да има територијални претензии кон Бугарија, како и признавање на македонскиот јазик и македонското малцинство во Бугарија, наведува медиумот.

Според Захариева, ова може да се направи преку протокол за Договорот за добрососедство, кој е ратификуван од двата парламента. Од нејзините зборови било јасно дека Бугарија е подготвена да ги препознае современите реалности, бидејќи „никој не може да го негира правото на самоопределување“, но С. Македонија мора да ја признае историската вистина.

Другиот вицепремиер, Красимир Каракачанов, верува дека сега сè е во рацете на Скопје, бидејќи Софија направи се што е можно за С. Македонија да ги започне преговорите со ЕУ, но Македонците се однесувале како Бугарија да е кандидат. Според него, Скопје сега мора да се одрекне од говорот на омраза и присвојувањето и фалсификувањето на историјата.

Според Кристијан Вигенин од БСП, Бугарија, која секогаш ја бранела европската интеграција на Западен Балкан, исто така страда од одлуката да ги блокира преговорите. Тој вели дека можеби треба да се преиспита бугарскиот преговарачки тим и праша зошто во него е Красимир Каракачанов.

За време на седницата на собранието, биле поставени прашања од пратеници од сите пратенички групи, освен претставници на ДПС, кои биле отсутни.

Слични содржини