Во текот на утрово пристигнале закани за поставени бомби и во училишта во Скопје и во Битола, информираат од МВР за „Локално“.
Според МВР, дојави за експлозиви стигнале на адресите и на хотелот ЊМериот“ и ТЦ „Ист Гејт Мол“.
-Дo сега во СВР Скопје и СВР Битола било пријавено дека на електронските адреси на десет училишта во Скопје и пет во Битола, како и во Фудбалската федерација на Македонија, хотел Александар Палас, хотел Мериот, трговски центар Ист Гејт, спортска сала Борис Трајковски и Меѓународен Аеродром Скопје е упатена закана за поставена експлозивна направа. Веднаш по добиените пријави, од полициски службеници се преземени мерки за безбедно евакуирање на објектите и во тек се антитерористички проверки и се преземаат мерки за расчистување на случаите, стои во дописот со детали од полицијата.
Заканите за експлозивни направи веќе станаа секојдневие во земјава. Во текот на вчерашниот ден имаше дури 49 дојави, што е најголем број за еден ден откако почнаа овие немили настани.
Сите досегашни проверки покажаа дека овие дојави биле лажни. Засега не може да се открие кој се сторителите.